Хелсиншки комитет регистрирал 70 инциденти од омраза, а МВР само два

224

Седумдесет инциденти и дела од омраза регистрирал Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2017 година. Најголем дел од нив, односно во 35 инциденти, основ била политичката припадност, а во 30  националноста.

Најмногу од делата – 34 биле насилство, во 30 имало оштетување имот, а тешки и телесни повреди имало, исто така, во 30 дела.

Овие податоци, содржани во Изештајот на Хелсиншки комитет за криминал од омраза, според Уранија Пировска, укажуваат на фактот дека многу се зборува за надминување на стереотипи, за спречување говор на омраза, а оти многу малку се прави во пракса.

– Потребно е сериозно да се сфати говорот на омраза, затоа што несправувањето значи продукција на инциденти и кривични дела од омраза, рече Пировска на денешната прес-конференција.

Најчесто жртви се млади луѓе, а процентуално и сторители и жртви се подеднакво припадници и на македонската и на албанската етничка заедница.

– Ова зборува дека државата не вложува доволно во едукација и обрзование, во развивање на толеранцијата, разбирањето и соживот со другите етнички заедници, рече Пировска.

Според Хајди Штерјова-Симоновиќ, од Хелсиншкиот комитет, треба да се нагласи и фактот што и покрај тоа тие лани констатирале 70 дела од омраза, а МВР пријавило само две, и дополнително едно за кое се води судска постапка. Затоа, рече таа, потребно е и институциите и граѓаните да се научат да ги препознаваат ваквите дела.

Како дела од омраза, од Хелсишнкиот комитет ги сметаат и настаните од 27 април, на кои, како што посочуваат им претходел говор на омраза, но и убиството на навивачот на „Комити“ Никола Садовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...