Хелсиншкиот комитет за човекови права на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, 9 Декември, констатира дека корупцијата и одлучувањето при постоењето на судир на интереси претставуваат феномени кои во значителна мера остануваат неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека борбата против корупцијата не дава задоволителни резултати.
Уште повеќе, велат од Комитетот, земјава континуирано бележи значителен пад на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата – сериозен криминал што го поткопува социјалниот и економскиот развој.
– Што се однесува на оценките за состојбата со корупцијата, потсетуваме на последниот европски Извештај за напредокот на Северна Македонија, каде што е констатирано подобрување на новата правна рамка за спречување на корупцијата и подобрена транспарентност при назначувањето на нови членови на Државната комисија за спречување на корупција. Сепак, и покрај зголемената проактивност на Антикорупциската комисија, вклучувајќи и кон функционери на високо ниво, корупцијата е распространета во многу области и останува еден од најсериозните проблеми во државата – велат од Комнитетот.
Оттаму потсетуваат и на препораките за надминување на состојбата, Европската комисија која нотира дека земјата треба проактивно да ги примени новите правила за спречување и борба против корупцијата и да поттикне, од највисоко политичко ниво, проактивен став од страна на сите актери вклучени во оваа област.
„Да ја реафирмира политичката волја за борба против корупцијата, поддржувајќи ги сите релевантни институции со потребната автономија во остварувањето на нивните приоритети, како и човечките и финансиските ресурси. Да ја консолидира евиденцијата за конечни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со конфискација на криминални средства и да обезбеди правна одговорност за прислушуваните материјали, независно од тековните реформи во рамките на системот на обвинителството. Само на тој начин, државата може да се надева на позитивни резултати во борбата против корупцијата“, стои во потсетувањето на Хелсиншкиот комитет.