Хелбах: Мицкоски сака да го поддржи договорот од Преспа

3151

Има сигнали од Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ дека сака да го поддржи договорот од Преспа, изјавил Кристијан Хелбах, претставник на германското Министерството за надворешни работи на трибината во Бундестагот.

Дебатата, како што јави Дојче Веле, била организирана од Друштвото за Југоисточна Европа, а на неа освен Хеллбах присуствувале и Матијас Лутенберг, авторот на патоказот за реформите во Македонија, Рајнхард Прибе, повеќе пратеници во Бундестагот, дипломати, како и гостите од Македонија и Грција, Симонида Кацарска и Ксенија Куналаки од грчкиот весник Катимерини.

Хелбах, оценил дека доколку не помине договорот од Преспа, тоа би било лоша вест за земјата, и дека кај дел од населението во Македонија, лојалноста кон државата зависи од напредокот на земјата на евроатлантскиот пат.

– Се плашам дека националистичките или етничките наративи повторно ќе нараснат. Доколку Македонија не успее да напредува тоа ќе има последици за стабилноста – предупреди германскиот дипломат.

Во врска со бегството на Никола Груевски и добивањето азил во Унгарија, Хелбах оцени дека случајот може да му ја олесни позицијата на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Поранешната германска амбасадорка во Македонија Гудрун Штајнакер, пак, критикуваше дека реформите во Македонија не се мрднати и дека остануваат проблемите со владеењето на правото. Како виновник за ваквата состојба Штајнакер ја посочи ДУИ која, според неа, продолжува со корупциските практики од минатото, пренсува „Дојче веле“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...