Директорот на „Топлификација“, Димитар Хаџи-Мишев, вчера преку соопштение, а денеска на прес-конференција, обвини дека постапката за стечај на компанијата ТЕ-ТО Скопје е лажна и е со цел да се отпише долгот кон „Топлификација“ од 30 милиони евра, даден како заем за изградба на објектот на ТЕ-ТО.
Според Хаџи Мишев, причина за судскиот процес во кој фирмата ТЕ-ТО предлага стечај сама на себе е пресуда на Врховниот суд 27 декември лани со која судот го прифаќа барањето на „Топлификација“ дека заемите дадени од Топлификација на ТЕ-ТО во периодот на градба на објектот се достасани и ТЕ-ТО треба да исплати вкупно 11,4 милиони евра главен долг и камати до март годинава.
– Ова се однесува на дел од заемот даден од „Топлификација“. Вкупниот долг на ТЕ-ТО кон „Топлификација“ е 30 милиони евра заедно со каматите до март годинава – појаснува Хаџи-Мишев.
Според него, барање за стечај на ТЕ-ТО поднела компанијата Битер Холдингс Лимитед (БТХ), која е главен акционер во ТЕ-ТО со 89 отсто од акциите.
– За да има основа за покренување на стечајна постапка, направена е измама во која се вклучени компанијата БТХ, извесен нотар и државни институции. ТЕ-ТО и доверителот БТХ (кој воедно е и мнозински сопственик) ги смениле датумите за заемите дадени од БТХ, со цел тие да бидат достасани и со така достасани долгови да се направат извршни исправки на нотар и потоа со нив да се блокираат сметките на ТЕ-ТО и да се создадат услови за стечај – појаснува Хаџи-Мишев.
Од „Топлификација“ велат дека првостепениот суд без да ги земе предвид незаконитостите со кои е реализиран стечајот ја затворил расправата. БХЛ како најголем доверител го одобрил Планот за реорганизација во кој се предвидува отпишување на долговите во висина од 152 милиони евра.
Три доверители, „Топлификација“, Комерцијална банка и фирмата Гама Гуч, на кои ТЕ-ТО им должи 40 милиони евра поднеле жалба до Апелациониот суд.
Апелација истите ги одбила со образложение дека нема законска можност да ја оценува содржината на предлог-стечајот и условите за стечај.
– Со ова Апелациониот суд направи уште поголема незаконитост бидејќи неговата одлука е конечна. Целиот тек на процесот и сите активности реализирани во овој процес укажуваат на организирана структура во која освен ТЕ-ТО се вклучени и други субејкти па и одредени државни институции – вели Хаџи-Мишев.
Топлификација поднесе кривични пријави, а според информациите случајот го истражува и Управата за финансиска полиција.
Хаџи-Мишев тврди и дека има индиции дека ТЕ-ТО непазарно купувал природен гас и продавал електрична енергија надвор од државата.
– Оваа работа има јавно признание во планот за реорганизација. ТЕ-ТО правел загуби од 2013 до 2017 бидејќи бил условен да купува природен гас од оф шор компанијата „Синтез груп енерџи“ и да продава електрична енергија на македонска фирма која мора да ја продаде надвор повторно на дефинирана фирма. Значи јавно признание дека ТЕ-ТО работел непазарно на двата сегмента. ТЕ-ТО во тој период купил 110 милиони евра гас од таа фирма и продал 60 милиони евра струја. Во пакет 170 милиони евра договори согласно нивното признание, биле непазарно процесуирани. А зошто му требала фирма посредник за купување гас, па и други фирми од Македонија си купуваат гас без посредници – вели Хаџи-Мишев.