Британскиот принц Хари и неговата свршеница Меган Маркл ги замолуваат сите што сакаат да им пратат свадбен подарок, наместо тоа да уплатат донација, соопштиле од канцеларијата на принцот.
Во соопштението било наведено дека двојката е многу среќна поради добрата волја што им е укажана и сакаат што повеќе луѓе да имаат корист од таа несебичност.
Принцот Хари и Маркл одбрале седум хуманитарни организации со кои не се директно поврзани, а меѓу нив се Детското ХИВ здружение, Фондацијата Мина Махила, која им помага на жените во сиромашните делови на Мумбај, Кризната организација за бездомници и Малите војници на Скот, кои ги поддржуваат децата што ги загубиле своите родители во британската војска, јави МИА.
Двојката ќе се венча во замокот Виндзор на 19 мај.