Харадинај по оставката седна во кафуле, го испратија со аплауз (ВИДЕО)

1095

Рамуш Харадинај по оставката од функцијата премиер на Косово, беше виден во центарот на Приштина, во едно кафуле. Граѓаните го испратиле со аплауз на заминување, јави Индексонлајн.

Неговата денешна оставка предизвика разни реакции во јавноста.

Поранешниот албански премиер и актуелен министер за дијаспора Пандели Мајко, изјави дека косовскиот премиер Рамуш Харадинај поднел оставка како вистински државник.

Харадинај, напиша Мајко на Фејсбук, презеде чекор што го прави Косово достинстевно како држава.

„Рамуш Харадинај поднесе оставка од функцијата премиер како вистински државник. Тој направи чин што го прави Косово држава со која управуваат државници кои ја разликуваат нивната лична судбина со онаа на националната безбедност. Делата на еден човек се вредни повеќе од неговите слабости. Денеска сум со Рамуш! Му благодарам на командантот за примерот во војната, а денес во мир“, напиша Мајко.

Лидерот на опозициското Движење „Самоопределување“ Албин Курти напиша на Фејсбук дека оставката на Рамуш Харадинај дошла со непотребно одложување и од погрешни причини.

Тој констатира дека дошло време кога Харадинај морал да поднесе оставка од премиерската функција.

„Харадинај требаше да поднесе оставка многу порано, на пример кога го смени својот став за разграничување со Црна Гора, кога си ја зголеми својата плата, кога именуваше управни одбори и вработуваше членови на своето семејство и на партиските колеги, кога на 13 декември 2018 година даде предлог за планот „Ахтисари плус“ за договор со Србија, кога го уништи буџетот, кога му се закануваше на Бљакај, кога се утврди дека делегацијата за разговори со Србија е неуставна“, напиша Курти.

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна вечерва со претседавачот и српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и своите соработници, веднаш по информацијата за оставката на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, објави Танјуг.

На состанокот присуствуваат и министерот за одбрана Александар Вулин, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ и генералниот секретар на шефот на државата Никола Селаковиќ.

Вучиќ утре ќе се обрати по повод оставката на Харадинај и нејзините евентуални импликации.

Косовскиот премиер Харадинај денеска поднесе неотповиклива оставка, бидејќи, како што соопшти, добил покана од Специјалниот суд за воени злосторства.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...