Премиерот во оставка на Косово Рамуш Харадинај доби покана да учествува на церемонијата на Молитвениот појадок, што традиционално го организира Белата куќа во Вашингтон, а која ќе се одржи на 6 февруари, јави дописникот на МИА од Приштина.
Кабинетот на Харадинај попладнево ја објави поканата што за годинешниот Молитвен појадок, чиј домаќин е претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, му ја упатиле членовите на американскиот Конгрес Том Соузи и Џон Муленар.
Харадинај минатата година не присуствуваше на церемонијата во Вашингтон, затоа што Амбасадата на САД во Приштина не му издаде виза. Неофицијално, причина за одбивање на барањето за виза беше неприфаќањето од страна на Харадинај на барањата од официјален Вашингтон за времено укинување на таксата од 100 отсто, која два месеци порано ја воведе на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
Подоцна, во април 2019-та, дипломатското претставништво на САД во Косово му одобри виза на Харадинај, за да може да присуствува на манифестација организирана од албанската католичка заедница во Њујорк.
Секоја година членовите на Конгресот и претседателот на САД, заедно со високи функционери, дипломати и други личности од повеќе од 140 земји од светот, се собираат на заеднички појадок за да се молат и да се заблагодарат за заемното пријателство и благосостојба.