Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека одлуката идниот самит на земјите од Западен Балкан да се одржи во Бугарија и Северна Македонија го прави Берлинскиот процес уште позначаен за регионот.
„Косово е битен дел на овој процес и стои на страната на сојузниците како додадена вредност на интегрирањето на регионот во Европската унија. Меѓусебното признавање со Србија во постоечките граници би ги отворило нашите перспективи. Силно ја поддржувам визијата на премиерот Борисов за сеопфатна Европа, која ги надминува менталитетите од минатиот век, менталитети кои предизвикаа трагедии и исклучивост. Без вклучување на сите држави на Западен Балкан како составен дел на европското семејство, ЕУ нема да биде целосна. Благодарам Бојко“, напиша Харадинај.
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, пак синоќа изјави дека според неговата наредба, бугарскиот амбасадор бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи.
„Како што имаме разбирање за прашањето за бугарскиот национален идентитет, јазикот или Гоце Делчев, исто така очекуваме разбирање за важноста на косовското прашање за српскиот народ. Затоа, оваа изјава на бугарскиот премиер не се однесува на прашањето за квотата за риболов или квалитет на српско сирење во преговорите со Европската унија, туку се осврнува на прашањето за територијалниот интегритет на Србија”, нагласува Дачиќ во изјава доставена на Танјуг.
Како што истакна, ваквите изјави мора да бидат прецизни, бидејќи не е точно дека целата Европска Унија има единствен и заеднички став за независноста на Косово.