Косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај, присуствувал на забава во општината Дечани во јуни, на која имало пукање од огнено оружје, јавуваат косовските портали.
Покрај Харадинај, порталите јавуваат дека и неговиот брат Даут Харадинај пукал на истата забава. Инцидентот се случил на свадба на 16 јуни, но дури сега се објавени некои детали.
Неименувани извори кажале дека за време на веселбата биле испукани „илјадници куршуми“ и дека поголемиот дел од оружјето кое се користело било „од легално потекло“.
На снимката објавена на порталот Лајми се гледа како едно лице пука од автоматска пушка АК47 „калашњиков“.
Никој од тие што пукале не е приведен, истакнуваат косовските медиуми.
Претходно Харадинај во косовското собрание го бранеше неговиот советник Дардан Гаши кога овој беше обвинет за недолично однесување.
Тој го правдаше дека „традицијата на пукање кај Албанците постои од кога се памти“, иако не е во согласност со законот.