Во Хрватска веќе 14. ден трае штрајкот во образованието, па и денеска нема да има настава во училиштата во Градот Загреб и во Дубровничко-неретванската жупанија. Штрајкот продолжува, со оглед на тоа дека Владата ниту вчера, на преговорите со синдикатите за основицата за државна и јавна служба не понуди термин за состанок за коефициенти.
Синдикатот за наука денеска ќе најави нов ден за штрајк во системот на науката и високото образование, а синдикатите на учителите и вработените во средните училишта ќе го соопштат натамошниот тек на штрајкот.
Претставниците на синдикатот вчера го напуштија првиот круг преговори за основицата на платата бидејќи од Владата не добија термин за разговори за коефициент за комплексноста на работата. Синдикатот од своите барања не отстапува, а хрватската Влада порачува – не прифаќаме уцени.
Претседателот на синдикатот Препород Жељко Стипиќ изјави дека штрајкот трае веќе 14 дена и оти се почесто се наметнува прашањето дали воопшто има надеж дека ќе дојде до договор со Владата.
Тој вели дека Препород во последната година сторил се што можел за Владата да ги смени коефициентите.
Во меѓувреме, колицијскиот партнер на владејачката ХДЗ – Хрватската народна партија (ХНС) му порача на премиерот Андреј Пленковиќ дека ќе ја напуштат коалицијата доколку не се најдат финансиски средства за поголеми плати на вработените во училиштата.
Најверојатно в четврток на владина седница ќе биде буџетот за следната година, а ХНС веќе најави дека нема да го поддржи доколку не се исполни нивното барање за поголеми плати во просветата.
Министерот за здравство Милан Кујунџиќ истакна дека ХДЗ нема да се согласи на уцените од коалицискиот партнер.
– Секогаш има решение. Платите во Хрватска се релативно мали и сите очекуваат поголеми плати. Но треба да се најде мера, мера и во разбирањето и дијалогот. Премиерот нема да дозволи никој да го уценува. Верувам дека ХНС до четврток ќе се соземат и ќе ја сфатат хрватската реалност – оцени Кујунџиќ.
Владата веќе даде понуда која вклучува зголемување на платите за шест отсто за сите вработени на кои плата им дава државата, но наставниците и професорите бараат поголеми коефициент и кои би ги изедначиле со останатите од државната служба.
Хрватските медиуми информираат дека наставниците во просек имаат плати од 800 до 1000 евра, професорите нешто поголеми, а лидерите на синдикат – 2.300 евра.
– Тоа е речиси како мојата премиерска плата – реагираше Пленковиќ, кој не ја отфрла идејата за предвремени избори, доколку ситуацијата дополнително се закомпликува.
Поголеми плати наскоро би можеле да побараат и многу други, кои средства добиваат од државата, со што би можело да настане општ хаос и целосно да се оневозможи носењето буџет. Проблем не се основиците, туку коефициентите кои на некои значително им ги зголемуваат платите, па административниот персонал за наједноставни работи заработува повеќе од висококвалификувани медицински сестри. Освен незадоволните медицински сестри, протест најавуваат и полицајците.
ФОТО: EPA / JULIEN WARNAND