Препораката за отпочнување на преговорите и за Македонија и за Албанија е кристално чиста, порачаа еврокмесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика Федерика Могерини, на прес-конференција во Брисел откако ги презентираа извештаите за напредокот за земјите кандидати за членство и стратегијата за проширувањето на ЕУ за 2019.
На новинарско прашање дали има разлика во препораките, бидејќи за Македонија таа е кристално чиста, додека во делот за Албанија има дополнителни забелешки и услови, Хан рече дека ситуацијата во двете земји е различна, има забелешки кај Албанија, но препораката е отворање преговори и со двете земји.
Могерини, пак, рече дека преговорите треба да се отворат што е можно побргу.
– Нашата порака е јасна. Препораката која Комисијата ја дава е да се отворат преговори што е можно побргу со двете земји. Двете земји се подготвени, тоа не значи дека утре тие ќе влезат во Европската Унија, туку дека може да го започнат процесот на пристапување – рече таа.