Еврокомесарот Јоханес Хан денеска на заедничка конференција со вицепремиерот Бујар Османи во Брисел изјавил дека е задоволен од досегашниот тек на реформи во Македонија, но наведува дека останува уште многу работи да се завршат.
Тој вели дека нема конкретни датуми до кога треба да се спроведат реформите, особено во сферата на правосудството.
– Немам конкретни датуми, но досега сум задоволен со процесот што е направен. Останува многу работа да се заврши до следната година. Ова вклучува и силна посветеност да се испорачаат резултати и затоа ова е причината зошто не сакаме да губиме повеќе време. Затоа сме тука – рече Хан.
Вицепремиерот Бујар Османи, кој во Брисел ја предводи македонската делегација, која од вчера го почна објаснувачкиот скрининг процес, на прес-конференцијата говореше на македонски, албански и англиски јазик.
-Македонија неповратно се движи кон полноправно членство во ЕУ и од овој пат нема враќање назад. Македонија вчера и денеска испишува историја. Ова е моментот кој долго го чекавме и се подгототвувавме, сите досегашни влади. Дозволете да констатирам дека успеавме – рече Османи на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.