Хан: ЕУ мора да ја награди Македонија

152

Македонија треба да биде наградена од ЕУ за напредокот и за договорот со Грција со кој се става крај на 27-годишниот спор за името. Ако не добие награда на конкретен начин тоа ќе има огромен негативен ефект за целиот регион, порача еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан во пресрет на денешниот министерски состанок и самитот на лидерите на ЕУ во четврток и петок на кој треба да се донесат одлуки за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија.

Хан предупреди дека евентуалното одбивање на двете земји ќе има негативни последици за стабилноста и европерспективата на регионот.

– Мислам дека сите треба да бидат свесни за тоа и се надевам дека на крајот ќе сфатат колку е важно да се испрати позитивен сигнал за регионот – изјави Хан на состанокот меѓу ЕУ и Црна Гора во Луксембург.

Еврокомесарот ги повика земјите членки на ЕУ да дадат зелено светло почеток на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, нагласувајќи дека тоа би бил позитивен сигнал за целиот регион и потврда на кредибилитетот на Унијата.
– Постигнавме многу, и ако ги погледнете резултатите само од последните неколку месеци ќе видите дека тоа е резултат на европската перспектива. И јас не би можел да разберам ако тоа не биде препознаено, разбрано и наградено на соодветен начин – рече Јоханес Хан.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...