Хан: ЕК за Северна Македонија ќе предложи влегување во подготвителна фаза на преговори

Комесарот потсети дека преговорите со најмладиот член ЕУ- Хрватска траеле осум години и се очекува преговорите со идните земји-членки да траат подолго.

1702
ФОТО: EPA/OLIVIER HOSLET

Европската комисија кон крајот на мај ќе го претстави годишниот извештај за напредокот на земјите во процесот на проширувањето, најави денеска комесарот за преговори за членство во ЕУ, Јоханес Хан и рече дека Комисијата за Северна Македонија и Албанија ќе предложи влегување во подготвителната фаза на преговорите. Тој ги повика земјите-членки без страв да го поддржат продолжувањето на процесот на проширување, кој, според него, всушност претставува „заокружување на ЕУ”.

– Убеден сум дека процесите на институционална реформа на ЕУ и проширувањето на ЕУ можат да се одвиваат паралелно, бидејќи и двата процеса бараат години за да се реализираат. Губење на време е ако се чека прво на институционалната реформа на ЕУ, бидејќи и онака не се работи за проширување, туку за заокружување на Унијата – констатираше Хан.

Комесарот Хан истакна дека во основата и во фокусот на политиката на проширувањето на ЕУ е напредокот во економијата и владеењето на правото. Тој потсети дека преговорите со најмладиот член ЕУ- Хрватска траеле осум години и се очекува преговорите со идните земји-членки да траат подолго.

Комесарот очекува дијалогот помеѓу Белград и Приштина да излезе од ќор-сокак и да резултира со договор, кој, како што кажа, ќе биде дефиниран на стотици страни.

– Постои застој во дијалогот меѓу Белград и Приштина и се надевам дека наскоро ќе можеме да го надминеме ова. Решението за ова прашање и целта на правно- обврзувачкиот договор е основен предуслов и за многу регионални проекти кои бараат појасни идни односи – изјави Хан.

Договорот меѓу Северна Македонија и Грција има помеѓу 35 и 40 страници, потсети Хан и рече дека не очекувам идниот договор меѓу Белград и Приштина да биде помал.

– Веројатно ќе има стотици страни. Без оглед на резултатот, тој мора да биде одржлив, да придонесе за развој на целиот регион и да не влијае на трети страни – рече Хан.

За време на дебатата за „Иднината политиката на ЕУ за проширување” во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, Хан потврди дека ЕУ нема да ги прими во ЕУ земјите со отворени билатерални прашања.

Тој, исто така, ги отфрли наводите за можно постоење на „Балканска пролет” во регионот.

– Јас не би го користел терминот „Балканска пролет“ затоа што демонстрациите во Србија, Албанија и Црна Гора имаат различни причини. Внатрешната политика влијае многу на незадоволството, но причините за протестите се разликуваат, од една до друга земја – рече Хан.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...