Хан до Џафери: Собранието е клучно за усогласување на законите со ЕУ

507

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, се сретна со еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, со чија денешна работна посета на Република Македонија започнува скрининг процесот со Европската комисија за утврдување на нивото на усогласеност на домашното со законодавството на ЕУ.

Како што информираа од кабинетот на Џафери, тој истакнал дека со одлуката на Советот на Европската Унија за отворање на патот за отпочнување преговори во јуни 2019 година, земјите членки испратија јасен сигнал дека ги вреднуваат напорите на Република Македонија вложени во реформи и во градење на добрососедските односи. Тој потенцирал дека Собранието е целосно посветено на продолжување и продлабочување на сегашниот реформски импулс за да испорача понатамошни видливи резултати.

Комесарот Хан го поздравил постигнатиот напредок, ја повторил силната поддршка на меѓународната заедница на патот на Република Македонија кон евроатланска интеграција и ја нагласил клучната улога на Собранието во процесот на усогласување на законодавството.

Двајцата соговорници заклучиле дека во наредниот период ќе биде потребно фокусирање на исполнување на обврските во сите клучни области.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...