Српскиот претседател Александар Вучиќ и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан имаа средба вечерва во Белград, на која е разговарано за ситуацијата на Западен Балкан и за следните чекори на Србија на европскиот пат, јави дописникот на МИА од Белград.
Во дискусијата за регионалната ситуација, претседателот Вучиќ и комесарот Хан посебно разговараа за застојот во дијалогот Белград-Приштина и настанатата ситуација по оставката на премиерот на привремените косовски институции Рамуш Харадинај, се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ по средбата.
– Претседателот Вучиќ рече дека Србија во оваа прилика, како и секогаш, реагирала мирно и одговорно. Тој му се заблагодари на комесарот Хан за разбирањето и ангажирањето во деблокирањето на дијалогот помеѓу Белград и Приштина – се додава во соопштението.
Комесарот Хан уште еднаш ја истакнал својата подготвеност да се обиде да помогне за стекнување услови за продолжување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
– Кога станува збор за европските интеграции, комесарот Хан ја повика Србија да го забрза процесот на реформи и да работи со поголема решителност за владеењето на правото – наведуваат од Кабинетот на српскиот претседател.
Претседателот Вучиќ му честиташе на комесарот Хан за неговата кандидатура за третиот мандат во Европската комисија, која е поднесена од страна на неговата држава, Австрија.
Еврокомесарот Хан утре ја продолжува посетата на Белград, со средба со премиерката Ана Брнабиќ, по која ќе се одржи прес конференција.
Фото: EPA/KOCA SULEJMANOVIC