Хависто: Финска како претседавач со ЕУ очекува одлука за преговори

62

Сведоци сме колку важни чекори направи вашата Влада кон остварување на целта за пристапување кон Европската унија. Ги следиме сите настани особено во областа на владеење на правото, има отворени случаи и работиме на нив. Проширувањето е важен чекор напред во Европската унија и се надевам дека оваа есен ќе биде донесена одлука со цел Северна Македонија и Албанија да почнат преговори за членство во ЕУ.

Таква порака упати денеска министерот за надворешни работи на Финска Пека Хависто, кој  е во посета на земјава на две недели пред одлуката од Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со државава.

Очекувањето за почеток на преговори е став на Финска како претседавач со Европската унија, но, како што истакна, во процесот на носење одлуки се почитуваат ставовите на сите други држави членки на Унијата.

– Знаеме дека Бундестагот на Германија донесе позитивна одлука и мораме да почекаме се додека сите држави членки на ЕУ не ја заокружат својата позиција за проширувањето – рече Хависто, посочувајќи дека е потребно време да се заокружат односите особено во однос на Србија и Црна Гора, како и дека Брисел е преокупиран со многу работи како Брегзит, бегалската криза.

ЕУ, оцени, понекогаш се движи многу побавно од очекуваното, и во неа понекогаш имаме проблем со владеење на правото и почитување на европските вредности.

Тој не може да каже дали е оптимист или песимист за стартот на преговорите, но потенцираше дека дебатата за пристапување на Северна Македонија и Албанија се интензивира во Брисел и оти има многу позитивни коментари.

Хависто упати честитики до нашата држава за постигнатиот напредок особено по потпишувањето на Договорот од Преспа, што, потенцираше, е знак за ЕУ како може на добро организиран начин и со добра волја да се постигне договор за решавање на отворени прашања. Го нагласи и значењето на пристапувањето кон НАТО, како за нашата така и за европската безбедност.

Министерот Димитров се надева оти Финска ќе ја паметиме како држава за време на чие што претседателство со ЕУ сме добиле одлука за почеток на пристапни преговори.

– Таа одлука ќе биде заеднички успех  и важно охрабрување да продолжиме по патот што одамна го зацртавме -да си ја средиме куќата и Северна Македонија да  ја направиме модерна европска демократија – рече Димитров.

Со оглед на тоа што не делат 14 дена од состанокот на Советот за општи работи каде, како што посочи, очекуваме важна позитивна одлука за пристапните преговори, со Хависто разговарале и ги споредувале впечатоците во однос на ставовите на земјите членки. Ја презентирал нашата убедлива приказна и во однос на евроинтеграцијата и во однос на добрососедските односи, контекстот колку време чекаме, од  кога почнавме да одиме по патот и влогот што значи позитивна одлука за нас, за регионот и за ЕУ, и што би значело негативна одлука.

Појаснувајќи што ќе значи отворањето пристапни преговори за граѓаните забалежа дека работите нема да се сменат преку ноќ, но оти ќе почнеме процес во којшто ќе имаме поддршка и фондови за европски начин за живот во државата.

– Ќе има преговори  организирани во повеќе поглавја, со фокус за повеќе надеж, прогрес и економски раст. Ако успешно го завршиме тој процес младите нема да мора да одат во Германија по европски начин на живот, туку тоа ќе го имаат дома. И немаме баш алтернатива и сами да сме тоа мора да го правиме, меѓутоа ако сме во процесот ќе имаме длабок мониторинг во сите области од администрација, правосудство, особено клучно ќе биде поглавјето 23 и 24. Ред нормалности и правна држава практично ќе добиеме конкретна шанса и финансиска поддршка да си ја направиме земјата европска – наведе Димитров.

Со неговиот фински колеа разговарале и за интересот на земјава за твининг проекти од областа на животната средина и за поголема соработка во образованието, како област во која што може да се научи многу од Финска

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...