Хабитат Македонија објави Повик до компаниите да се вклучат во проект за домување

Повикот за изразување на интерес е отворен до 30 април 2018 година, до 16 часот.

359

Здружението за хумано домување Хабитат Македонија, во соработка со Тервилигер центарот за иновации во домувањето, објави Повик за изразување интерес од компании за учество во Проектот за развој на пазарот во секторот домување.

Хабитат Македонија ги поканува компаниите (трговските друштва) регистрирани во Република Македонија кои нудат пазарни решенија во секторот домување, да поднесат пријави за учество во проект кој обезбедува техничка и финансиска поддршка, со цел збогатување на понудата и обезбедување полесен пристап до квалитетни производи и услуги за домаќинства со ниски приходи.

Хабитат Македонија, национална афилијација на меѓународната непрофитна организација Habitat for Humanity International, во соработка со Тервилигер центарот за иновации во домувањето од Атланта, САД, спроведува Проект за развој на пазарот во секторот домување. Долгорочна цел на проектот е стимулирање на пазарните чинители да создадат услови кои ќе овозможат пристојно и достапно домување за домаќинствата со ниски приходи во Република Македонија.

Конкретна цел на овој Повик е избор на компании кои се заинтересирани да добијат техничка и финансиска поддршка со цел унапредување на својата дејност или инвестирање кое треба да доведе до збогатување на понудата и обезбедување полесен пристап до квалитетни производи и услуги за домаќинства со ниски приходи.

Од избраните компании ќе се очекува сопствено учество од најмалку 30% при спроведување на една или повеќе од следните мерки:
• Развивање нови и иновативни бизнис модели;
• Усвојување нови и иновативни технологии, вклучително и нов или надграден производ или
услуга;
• Проширување на дејноста на нови географски подрачја;
• Експанзија кон сегменти на клиенти со ниски приходи.

Хабитат Македонија има особен интерес за иницијативи кои ќе ја унапредат енергетската ефикасност на индивидуалните или колективните станбени објекти во земјата. За консултација на заинтересираните компании, во прилог на овој повик се наоѓа резиме на Анализа на пазарот за резиденцијална енергетска ефикасност во колективни станбени згради во Република Македонија.

Техничката поддршка може да се состои од консултантски услуги, обуки, лиценцирања и сл. Финансиската поддршка може да се состои од донации, поволни (некомерцијални) заеми и еквити инвестиции (сопственички удел).
Комбинираната техничка поддршка и донацијата за една компанија може да изнесуваат најмногу 25.000 американски долари, во денарска противвредност.
Некомерцијалниот заем и еквити инвестицијата за една компанија може да изнесуваат најмногу 100.000 долари, во денарска противвредност. Условите на некомерцијалниот заем и еквити инвестицијата ќе се презентираат во понатамошниот тек на постапката.

Можноста за користење на техничка и финансиска поддршка во рамките на проектот е отворена за компании кои ги исполнуваат следниве услови:
– Да имаат конкретна иницијатива за унапредување на својата дејност или инвестирање во развој на своите производи или услуги;
– Да се деловно активни најмалку 2 години;
– Да имаат најмалку 3 вработени лица;
– Да оствариле позитивен финансиски резултат за последната календарска година, при што:
– Повеќегодишен позитивен финансиски резултат ќе се смета за предност;
– Ревидирани финансиски извештаи ќе се сметаат за предност;
– Да остваруваат приходи од дејност која е дел од секторот домување:
– Урбанистичко планирање;
– Производство на градежни материјали;
– Изведување градежни работи;
– Производство на уреди, опрема и енергенси за домот;
– Инсталација на уреди и опрема за домот;
– Управување и одржување на станбени згради;
– Финансирање на домувањето;
– Да презентираат евиденција за асортиман на производи или услуги, при што квалитет и цена;
– кои се соодветни на потребите на домаќинствата со ниски приходи ќе се сметаат за
предност;
– Да презентираат евиденција за развиена мрежа на купувачи, директно или преку
дистрибутери, при што:
– Постоење на проверливи деловни релации со поголем број домаќинства со ниски
приходи ќе се смета за предност;
– Постоење на проверливи податоци за поголем финансиски обем на деловните
релации со домаќинства со ниски приходи ќе се смета за предност;
– Да имаат усвоено политики за контрола на квалитетот, заштита на потрошувачите, деловна етика и социјална одговорност, при што:
– Располагање со сертификати од релевантни институции за стандарди и квалитет на
производите или услугите ќе се смета за предност;
– Членство во професионални асоцијации и стопански комори ќе се смета за предност;
– Да имаат потенцијал за сопствено учество во паричен облик, стока (репроматеријали) или услуги од најмалку 30% од вредноста на иницијативата, при што поголемо процентуално учество во паричен облик ќе се смета за предност.
Јавни претпријатија, компании во доминантна државна сопственост, здруженија и фондации не се соодветни правни субјекти за овој повик.

Заинтересираните компании кои ги исполнуваат горенаведените услови се покануваат да го пополнат образецот за изразување интерес кој се наоѓа во прилог на овој повик и истиот да го достават на адреса: Хабитат Македонија, ул. Никола Парапунов бр. 41, Скопје, или да го испратат електронски, на е-меил адресата: info@habitat.org.mk со назнака (предмет): Пријава по повик.

Хабитат Македонија нема да одговара на поединечни прашања поставени преку е-меил. Претставници на компаниите кои ќе бидат заинтересирани за појаснувања поврзани со овој повик се покануваат на информативен состанок кој ќе се одржи на 20 април 2018 година во хотелот „Карпош“ во Скопје, со почеток во 10 часот.

Резиме на поставените прашања и дадените појаснувања ќе биде објавено на 23 април 2018 година, на веб адресата на која се објавени документите за овој повик.

Повикот за изразување на интерес е отворен до 30 април 2018 година, до 16 часот.
Компаниите кои согласно прикажаните податоци во пријавата ги исполнуваат потребните услови за учество во проектот ќе бидат известени најдоцна до 7 мај 2018 година. Известувањето ќе вклучи покана за презентација на иницијативата, по што ќе биде направена возвратна посета. Најдобро рангираните компании ќе бидат поканети да ги документираат прикажаните податоци и да поднесат детална апликација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...