Фудбалската федерација на Македонија ја исплати рекордната премија во износ од 500.000 евра за освоеното прво место на А репрезентацијата на Македонија во групата од УЕФА Лига на нации.
Раководството на ФФМ за пласманот во баражот за ЕП 2020 ја вети најголемата премија во историјата на македонскиот спорт, а паричната награда ја поделија репрезентативците и стручниот штаб.
– Фудбалската федерација на Македонија ја исплати премијата за пласман во завршна фаза од Лига на нации и со тоа поставивме стандард како ќе работиме и во иднина. Пласманот на ЕП 2020 година би претставувал остварување на сонот на оваа генерација македонски фудбалери и на капитенот Пандев и соиграчите им посакуваме многу среќа во следните репрезентативни предизвици. Со пласманот во завршната фаза од Лига на нации, репрезентацијата стигна таму каде што и е местото и искрено посакуваме нов напредок. Благодарност до сите кои даваа поддршка. Драго ни е што успеавме да ја вратиме насмевката на лицата на навивачите и се надевам дека позитивната резултатска низа ќе трае и во иднина, изјави в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини за официјалниот сајт на федерацијата.
Македонија во полуфиналето од УЕФА Лига на нации ќе се соочи со Косово на домашен терен, а во второто полуфинале Грузија ќе ѝ биде домаќин на Белорусија. Победниците од полуфиналните дуели ќе играат меѓу себе во финале, на неутрален терен, за победа која гарантира пласман на Европското првенство во 2020 година.