ФРОДЕМ: Господине Макрон спијте мирно, реформите се во полн ек

473

По денешното рочиште на случајот „Рекет” од однесување на судијката и обвинителката за организиран криминал при испитувањето на сведоците и обвинетите станува се појасно дека целата постапка ќе заврши со пресуди само за Боки 13 и Катица Јанева. Станува се поочигледно дека надлежниот обвинител сѐ уште нема намера да ја прошири истрагата и да обвини други лица кои директно или индиректно учествувале во аферата „Рекет”. А оваа афера е само капка во морето наречено „Македонско дабл постранзициско политичко-судско миље”, соопшти ФРОДЕМ.

„Ова пасивно однесување и очигледно засега селективен пристап во целиот случај дава сериозен сомнеж дека надлежното обвинителство нема намера да ја истера правдата и вистината до крај и дека сѐ ќе се сведе на судска пародија. Истовремено овој случај ја покажува и гнилосата на целокупниот правосуден систем поради вкоренетата и втемелена политичко-бизнис наместо професионална и законита и уставна ориентираност на индивидуи инволвирани во процесот. Поради личното директно или индиректно замешеталството и лукративни цели на поединци од обвинителствата, судството, адвокатурата и политиката се повеќе се доразградува и онака разградениот правосуден систем и докрај се рушат идеалите за вистина и правда.

Сијамските близнаци (власта и опозиција) позади сцената со широко насмеани усти ги тријат рацете бидејки се оди според планот и зацртаното сценарио. Важно е некој од нив повторно ќе биде на власт по изборите во април наредната година и ќе продолжи таму каде што застана близнакот кој досега беше на власт. Тоа што народот се повеќе останува со подзината уста и со сé попразен стомак, а системот е до ,,коска” руниран и не е така битно прашање, затоа што најважна е забавата за широките народни маси посебно кога по толку време во главниот град се репризира (по којзнае кој пат) политичко-судискиот циркус.

А додека се трае оваа реприза на циркуската претстава најважно е судиите и понатаму да дозволуваат да застаруваат кривичните дела, обвинителите малку потајно да рекетираат и да соработуваат со обвинетите, адвокатите и судии да си ги зацврстат меѓусебите односи и спреги доколку ги запоставиле или им попуштиле во меѓувреме, а амнестираните пратеници да го надополнат сопственото чекмече. Министрите слободно можат да продолжат со истото темпо бидејќи и така никој нив не ги гони за ништо.

ФРОДЕМ јавно му порачува на француски претседател Емануел Макрон да не се инаети повеќе и мирно да спие бидејќи „реформите” се во полн ек. Во Република Македонија тече мед и млеко за сите оние кои го поддржуваат и кои се дел од „Македонското дабл постранзициско политичко-судско миље”.

Затоа господине претседателе Макрон морате веднаш да не примите во Европа вакви какви што сме, бидејќи за никаде сме“, се вели во соопштението.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...