Извештајот на реномираната организaција, што редовно објавува податоци за степенот на основните слободи за секоја земја одделно, е критичен кон актуелната власт во САД, поради, како што се вели, „поткопувањето на столбовите на американската демократија – поделбата на власта, медиумите и независноста на судството, како и легитимноста на изборите“.
Во извештајот на Фридом Хаус, како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, се додава дека демократиите се загрозени во повеќе земји во светот, меѓу кои се посочени и Унгарија и Турција. Унгарија, која важеше за успешна приказна од посткомунистичката транзиција, падна во категоријата „делумно слободна“, што е најголем пад во рамките на ЕУ.
Како што нагласи претседателот на Фридом Хаус, Мајкл Абрамович, „демократијата во САД се поткопуваше и од претходните администрации, но реториката на претседателот Доналд Трамп и неговите политички чекори, го поткопуваат владеењето на правото и довербата во слободни и фер избори“.
„Ниту еден претседател досега не покажал такво непочитување на догмите, принципите и нормите на нашиот уставен систем“, напиша Абрамович во воведот на извештајот.
Во извештојот се истакнува дека актуелното ниво на американската демократија е исто со она на Грција, Хрватска, и Монголија, и на многу пониско рамниште отколку старите демократии како Германија и Велика Британија.
Од 195 држави во светот, 86 се окарактеризирани како „слободни“, „делумно слободни“ се 59, а 50 земји се „не слободни“.
САД моментно има рејтинг 86 од 100 поени. Иако е зад поголемите демократии како Франција, Германија, Велика Британија, медиумите во земјата се уште се окарактеризирани како слободни.
Извештајот е доста критичен и кон Русија, Иран, Азербејџан, Црна Гора, Србија и Унгарија, како и три поранешни советски републики од Централна Азија. Сите овие земји, се истакнува, придонеле во „падот на демократските слободи во светот веќе 13 години по ред“.
Србија има голем пад од „слободни“ во „делумно слободни“ земји поради изборни нерегуларности, заплашувања и жестоки владини кампањи против независните новинари, при што се нагласува дека српскиот претседател Александар Вучиќ де факто акумулира преголема уставна моќ.
Македонија е рангирана со благо подобрување, но и натаму се наоѓа во категоријата на „делумно слободни“ држави.
Насловната страна на извештајот на Фридом Хаус е карикатура во која рускиот претседател Владимир Путин и неговиот колега Реџеп Тајип Ердоган држат факели и стојат покрај логорски оган во кој гори зборот „слобода“.
Околу огнот се саудискиот перстолонаследник, принцот Мохамед бин Салман, кој истура бензин во огнот, додека лидерите на Иран, Кина, Венецуела и Унгарија го разгоруваат со ладала. Трамп пак го користи огнот да испече колаче „маршмалоус“.
Во најновиот извештај на „Транпаренси Интернешионал“ за корупцијата во светот, поради загрозувањето на заемната зависност и заемното ограничување на законодавната, извршната и судската власт во земјата (таканеречениот систем на задршки и противтежи), САД годинава отпаднаа од 20-те „најчисти“ земји.