Премиерката на Данска, Мете Фредериксен изјави дека е „разочарана и изненадена“ од одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја откаже посетата на Копенхаген.
Трамп ја откажа посетата на Данска откако Фредериксен ја отфрли можноста за продажба на Гренланд на САД.
– Поканата за посилна стратешка соработка со Американците на Арктикот е отворена – истакна Фредериксен.
Таа додаде дека се радувала на посетата на Трамп, што беше планирана на 2 и 3 септември, истакнувајќи дека САД е се еден од најблиските сојузници на Данска.
Претходно и портпаролката на данското кралско семејство изјави дека одлуката на американскиот претседател е изненадувачка.
– Данска е многу посебна земја со неверојатни луѓе, но врз основа на коментарот на премиерката Мете Фредериксен, дека нема е заинтересирана да разговара за продажба на Гренланд, ќе го одложам нашиот состанок, планиран за две недели за некое друго време, напиша вчера Трамп на Твитер.
Понудата на Трамп за купување на Гренланд не е нова во историјата на САД. Во 1946 година тогашниот американски претседател Хари Труман понудил 100 милиони долари за Гренланд, но Данска ја одби понудата.
Во 1951 година Данска и САД постигнуваат договор за користење на тамошната воздухопловна база Туле, лоцирана на северот на Гренланд. Таа е најсеверна американска воена база.
САД имаат долга историја на купување земја за проширување на нејзината територија и сферата на интерес.
Во 1867 година, САД ја купиле Алјаска за 7,2 милиони долари од Русија. Тие ги купиле и Филипини од Шпанија и Девствените Острови од Данска. Најпознат е откупот на земјиштето во 1803 година кога од Франција беше купена Лујзијана за 15 милиони долари. Во 1848 година САД купуваат големи мексикански територии – Калифорнија, Аризона, Невада за 15 милиони долари, а во 1867 година од Русија ја купија Алјаска за 7,2 милиони долари. Во 1917 година, САД за 25 милиони долари ја купија тогашната Данска Западна Индија – данска колонија во архипелагот Мали Антили, источно од Порторико. По купувањето, таа го добива името Американски Девствени Острови.
Експертите истакнуваат дека стратешката важност на Гренланд, а не неговите природни ресурси, е главната причина за американската заинтересираност за негово купување. За најголемиот остров во светот заинтересирани се и Кина и Исланд. Со поседувањето на Гренланд се обезбедува дополнително влијание на Арктикот, за кој во последните години интерес покажуваат Русија, САД и Кина. Арктикот е поврзан со така наречениот Северен морски пат, со кој многу се скратува пловидбата од Далечниот Исток кон Атлантски Океан, односно Европа и источниот брег на Северна Америка.
Гренланд е исклучително богат и со природни ресурси. Голем дел од ова е неискористено, но поради глобалното затоплување, мразот брзо се топи и искористувањето на природните ресурси на Гренланд се очекува да биде полесно.
Фото: EPA/Mads Claus Rasmussen