Само 16 отсто жени на возраст од 24 до 60 години се одзвале за бесплатниот ПАП-тест, на кој се појавиле 87.886 жени од целата земја и тоа почнувајќи од 2012 година до септември годинава, колку што трае организираниот скрининг за рано откривање на рак на грло на матката. Значи дека дури 84 отсто од жените од оваа возрасна група, иако добиле уредна покана преку овој тест да проверат имаат ли преканцерогени или можеби и малигни заболувања на грлото на матката, не се појавиле на гинеколошки преглед.
Најмладата девојка која оваа година починала од рак на матка е во возрасна група од 25 до 27 години. А 30 жени од целата земја лани не успеале да ја добијат битката со овој карцином, кој е втора причина за смртност кај жените во земјата.
Овие фрапантни податоци беа обелоденети на денешната прес-конференција во Институтот за јавно здравје во Скопје.
Од јануари до септември годинава биле направени 31.630 ПАП тестови, а кај околу 3.000 жени биле откриени клеточни абнормалности, најчесто ЦИН 1 и инфекција со ХПВ (Хуман папилома вирус).
– Со прегледите годинава откривме 5 жени со рак на грло на матка на возраст од 24 до 35 години и тоа во Битола, Кочани, Скопје и во Струмица, а 3 случаи со инвазивен карцином во Куманово, Охрид и во Ресен кај повозрасната група од 35 до 60 години. ЦИН 1 промените се најчесто застапени како наод и тоа кај 31 отсто од прегледаните, а висок е процентот и на други клеточни абнормалности, кои годинава се откриени кај 144 жени. Овие преканцерогени промени се најчести кај помлади жени во Штип, Велес, Ресен, Куманово, на возраст од 24 до 35 години. Додека овие абнормалности биле дијагностицирани кај 15 отсто жени од 36 до 60 години, а најмногу кај жени во Свети Николе, кај секоја втора (46 отсто). Интересно е што секоја година се откриваат случаи на рак кај жени кои немале никакви знаци на болеста. Тоа е причина повеќе жените да бидат многу поредовни на овие прегледи – рече проф. д-р Елена Ќосевска, раководителка на Сектор за промоција и следење незаразни болести во Институтот.
Таа нагласи дека особено ја загрижува тоа што младите лошо се однесуваат кон своето сексуално здравје.
Надлежните од Институтот апелираат:
– Што поскоро да се стави во функција софтверот за скрининг на рак на грло на матка. Од голема важност е поголемата вклученост на жените во скринингот, бидејќи малку жени се одзиваат на прегледите. Треба да се зголеми степенот на знаење и информираноста на жените за потребата од вршење превентивни прегледи и истите да се мотивираат да извршат преглед, кој се прави секоја втора година. Битно е навреме да се открие предраковата промена, која ако е во рана фаза, може успешно да се излекува, со што значително би се намалила и смртноста – рече д-р Силвана Ончева од Институтот.