Француски дипломат на магаре ги мина линиите на македонскиот фронт на Кајмакчалан

Доживувањата од походот по стапките од француските војници се забележани во дневниците кои ги воделе со Ешт и бројните фотографии, а ќе бидат објавени во книга.

241

По јунското патешествие на магаре и мазга по линијата на Македонскиот фронт од Првата светска воја – најкрвавата епопеја во светската историја, со францускиот дипломат, писaтел и планинар Емануел Рембер разговаравме за искушенијата и највозбудливите моменти од оваа негова мисија. Иницирано во спомен на паднатите борци на македонскиот фронт на 100-годишнината од ПСВ, патувањето по трасата долга 220 километри траеше десет дена. Го започнаа од Битола, а завршија близу Солун.

Дел од неговата експедиција беше францускиот новинар и историчар Емануел Ешт, а целосна поддршка за оваа необична авантура добил и од францускиот амбасадор во Македонија Кристиан Тимоние, кој и самиот е голем познавач и вљубеник во историјата и книжевноста. Навраќајки се на тоа како созревала замислата францускиот дипломат се потсетува дека целиот овој проект немаше да се реализира доколку заедно со нив не беше Петар Нолев, планинарскиот водич од Битола, со кого, вели, одлично се согласувале за време на патувањето.

– Со Петар се сретнавме во ноември минатата година, кога заедно со него на џип ја разгледувавме областа. Идејата за маршот ми дојде следниот ден кога седев сам во едно кафуле во Битола, и си припомнав на книгата на Роберт Луис Стивенсот каде тој го започнува своето патување од градот Монастие, што е името на Битола во ПСВ. Токму на таа врска меѓу тие две имиња ми се појави мислата дека и јас би можел да го изведам целото патешествие на мазга или магаре. Потоа ја земав брошурката за ПСВ објавена од Францускиот институт во која на фотографии се прикажани брадести војници како со мазги одат по линијата на фронтот. Повторно се видовме со Нолев и откако му ја изложив идејата тој со воодушевување ја прифати. Потоа ги земавме картите ги погледнавме. Идејата беше преку маршот да се поминат оние места каде се случиле големи крвави битки во кои загинале голем број војници. Тоа се Кајмакчалан и фамозната кота 1050, се присетува Рембер.

За подготовките

По несекојдневниот подвиг чувството на исполнетост е неприкосновено, но вели Рембер, маршот беше физички многу потежок од очекуваното. Во подготовка на мисијата за време на викендите поминувал маршрути и по 20 до 30 километри дневно. Сепак, нагласува, далеку е поедноставно кога за викенд ќе испешачите 20-30 километри, можете да се истуширате, имате кревет каде може да легнете, да отспиете.

– Кога сте во природа и поминувате 30 километри, вечерта немате каде да се истуширате, ќе легнете, а се околу вас е влажно. Чевлите ви се исто така влажни, чувството е сосема различно. Сепак, кога ќе го завршите сето тоа имате чувство на среќа, затоа што за миг можеби сте го напуштиле сето она што значи ваш конфор на живеење. Чувствувате и замор, но тоа е убав замор, посочува Рембер.

На походот по стапките од француските војници

Поминавме 10 дена по некогашните ровови од ПСВ потпомогнати само со мазга и магаре. Онака како што тоа го правеле војниците во тоа време. Токму затоа маршот е единствен од ваков вид досега, вели Рембер.

Искушенијата се бројни по планинските врвулици и обраснатите предели, но тоа воопшто не ги обесхрабрило, иако на одредни моменти, вели, моралот ни беше малку низок.

– Она што беше многу важно во ова патување е што како група убаво се согласувавме меѓу себе. И покрај заморот и покрај се. Секој од нас сакаше да му помогне на другиот, вели Рембер.

За него симнувањата се исто толку тешки колку и качувањата. Имало и предели кои биле доста тешки за минување. Природата си го зела своето и дел од рововите биле обраснати со трева и дрвја, па за да поминат со животните патот требало да се расчисти.

– Три работи не водеа. Од една страна историјата, одевме по рововите и знаевме каде се одвивале сите тие битки. Од друга страна требаше да се најдат точките каде има вода за нас, но и за да можат да се напојат животните. Сепак за животните беше полесно. Ние секое утро соблечени до појас ја користевме утринската роса на тревата за да се измиеме, вели Рембер.

Кога се подготвувале за маршот мислеле дека најголемата опасност може да дојде од животните, (мечка, волк, змии…), меѓутоа таа дошла од небото.

– Не зафати невреме со силни дождови и громови. На шега мојот пријател Ешт тогаш рече, „а, ова се бомбардирањата“, со насмевка се потсетува Рембер.

Пред да тргнат на патувањето прочитале и доста литература од историски аспект за сето она што се случувало во тоа време. Но, за него, многу трогателен е момент кога ги поврзувате прочитаните работи со она што го гледате.

– Ние најдовме многу предмети, остатоци од куршуми, од шлемови, од бодликави жици, што беше доказ дека никој претходно го немаше одено тој пат. Најтрогателен момент беше доаѓањето на Добро Поље – местото каде се одиграла славната битка. Тоа е мала долина, во еден дел мочурлива, опкружена со планини, каде загинале над 7.000 војници. На тоа место не обземаа помалку морничави чувства, како да се насетуваше присутност на смртта, посочува Рембер.

Практично, можеле да наполнат цело возило со вакви реликти, па не можел да им побегне на помислата како работите кои се случиле да се чинат толку блиску иако толку далечни во минатото.

Овој предел го потсетува и на долината каде се одиграла историската битка кај Аустерлиц.

За малите убави задоволства од природата

На патешествието имале и пријатни мигови приредени од природата, а во дел и самите се погрижиле за тоа. Зендим, човекот кој кој се грижел за животните, (мазгата и коњот) бил задолжен и за околу 80 килограми храна за 10-дневното патување. Па така во прекрасните планински предели, јагнешкото, виното и ракијата кое со себе ги понеле им било вистинско уживање

– Земавме добро македонско вино и ракија. Секоја вечер можевме да се напиеме по една-две чаши вино и секогаш кога ќе го испиевме си велевме утре ќе му биде полесно на магарето, низ насмевка раскажува Рембер.

Вели никогаш нема да го заборави ниту вкусот на неговиот омилен кулинарски рецепт – омлет со свежи печурки утрото набрани.

Иако, на планина, не се лишиле ниту од утринското кафе, придобивка на модерната цивилизација, кое како и храната го подготвувале на огнот во кампот, што секоја вечер го поставувале.

Доживувања вредни за патепис

Целото патешествие ги исполни моите очекувања, иако напати беше напорно и тешко, па имав чувство како да сум во војска, вели Рембер со топла препорака и други да го искусат ова патување. Целта беше потсетува, да направиме комеморација за 100 годишнината од крајот на ПСВ и за Македониот фронт, кој што не е толку познат и малку се знае за него во Франција, како и да им одадеме омаж на француските војници.

– Како директор на Францускиот институт во Скопје со ова патување сакав да одадам почит и за тоа што мислам дека е најубаво во Македонија, а тоа е нејзината природа и да ги охрабрам Французите, но и сите други да дојдат во Македонија, да ја посетат и да се запознаат со земјата од аспект на еколошкиот турзизам, истакнува Рембер.

Патувањето е повик и препорака и за оние кои ги привлекува историскиот туризам, но беше можност и да се навратам на една омилена книга од моето адолесцентско доба од шкотскиот писател Стивенсон. Така што ова патување во целина беше можност за омаж на француските војници од ПСВ, на природните убавини на Македонија и марш во спомен на сите оние четива и лектири кои ме инспирале во младоста, нагласува Рембер.

Доживувањата од маршот се забележани во дневниците кои ги воделе со Ешт и бројните фотографии, а ќе бидат објавени во книга – патепис, следната година, најавува Рембер, кој во Франција е познат како автор на чудесни патеписи. Ќе донесе два погледа за маршот – едно од историски аспект на Ешт и неговото експресивно книжевно видување.

Виолета Геров

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...