Статусот на реформите во администрацијата во контекст и на јакнење на капацитетите за пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ денеска беа претставени пред пратеници во Француското национално собрание, а беа разменети и мислења за натамошните активности на Франција во рамките на зајакнатата соработка на билатерален план.
На средбата на тема „Реформа на администрацијата во Северна Македонија: примерот на Секретаријатот за европски прашања“, која беше организирана од страна на нашата Амбасада во Париз и претседателот на Групата за пријателство Франција-Северна Македонија во француското Собрание, како што јавува дописникот на МИА, воведно излагање имаше Франсоа Лафон, француски експерт ангажиран при вицепремиерот за евроинтеграции и СЕП.
Тој во рамките на неговите активности за зајакнување на капацитетите на Секретаријатот за европски прашања организираше три тематски семинари за поддршка во три области: Дигитализација и транспарентност; Центарот за обука и димензијата на човечките ресурси и подобра административна и меѓуминистерска координација со учество на француски и европски излагачи.
– На овој начин, посакуваната билатералната соработка од страна на претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, детално опишана во новата, неодамна објавена француска стратегија, имаше конкретен превод во Северна Македонија – рече Лафон на средбата која не прва од ваков вид.
Од македонска страна, покрај амбасадорката Јадранка Чаушевска Димов, на средбата учествуваа Бојан Маричиќ, советник за Европа на премиерот и главен технички преговарач за европските преговори, Калина Габер, државен секретар за европски прашања, Бети Јачева, директор за ЕУ во МНР и Кристина Димовска, специјален советник на министерот за информатичко општество и администрација.
Француската страна беше претставена од пратениците Бертран Сор, како домаќин на средбата, Жак Мер заменик претседател на Комисијата за надворешна политика, Лилиана Танги, заменик претседател на Комисијата за надворешна политика, Фредерик Пети, како и претставници на „Експертиз Франс“ (задолжена за имплементација на европски проекти), ЕНА, Француската агенција за развојна помош АФД, потоа заменик директорот за континентална Европа при француското МНР, Никола де Лакост, амбасадорот Ален Ле Руа и други.
Одржувањето на средбата доаѓа само неколку дена по посетите на Париз на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров.
EPA-EFE-ETIENNE-LAURENT