Неочекувано, Франција се најде изолирана во ЕУ околу проширувањето на Унијата. Во оваа политичка драма единствените аплаузи за Макрон дојдоа од најнеочекуваното место – од Русија, пишува Љупчо Поповски за Дојче Веле.

Има нешто фаталистичко во исповедта на Зоран Заев за „Њујорк тајмс“. Опсежниот текст во најважниот светски весник опишува какви последици предизвика во регионот француската блокада за почнување преговори со Македонија и Албанија и завршува со два едноставни збора: „Преплашен сум“. Како и да го перцепирате Заев, никаде нема да прочитате изјави кои интроспективно ја покажуваат кршливоста на еден политичар кажана со сопствени зборови и го отфрлаат имиџот на мачо мен во балканската политика. Тие се на работ на патетиката, но не ја поминуваат таа граница затоа што изгледаат искрено („Тоа (ветото) ме уништи лично, психолошки“) и посочуваат како изгледа еден човек кога ќе ја загуби бусолата: „Ние сме водени од светлата што ни беа дадени од Европа. Тие ги изгаснаа светлата и сега сме во темница. Кој знае каде ќе тргнеме одовде“ – резигнирано му зборува Заев на новинарот на „Њујорк тајмс“.

Во текстот на одреден начин се отсликува антиподот на Заев во регионот, неприкосновениот српски лидер Александар Вучиќ, и се цитираат неговите зборови: „Ние мора да водиме грижа за себеси. Тоа е единствениот начин. Тоа е единствениот пристап“. Па се објаснува дека нема никаква коинциденција што Вучиќ ќе оди на 4 декември во Москва за да се сретне со Владимир Путин, откако рускиот премиер Дмитриј Медведев беше во Белград во октомври, а потоа се одржа српско-руската воена вежба „Словенски штит“.

Никој нема потреба да има дилеми дали она што го пишува „Њујорк тајмс“ има влијание во европските метрополи. Секогаш имало, па и сега. Се разбира, тоа не значи дека оваа исповед на Заев ќе биде прифатена од секого во Македонија како прошка, без оглед колку тој едноставно ја претставува кршливоста на еден човек. Таа кршливост многу често знае да биде огледало на погрешните политички предвидувања, наивно верување во ветувањата и невнимателните калкулации.

На европската сцена се одвива една зачудувачки долга дебата околу ветото на Емануел Макрон. Речиси да нема ден некој од важните европски политичари да не покаже дека неговата земја не е зачин во оваа француска каша зготвена пред еден месец, а подгреана со интервјуто на Макрон за „Економист“. Според изјавите на многу високи функционери во Брисел и врвни дипломати на Европската Унија, Париз се нашол затечен од лавината реакции, на чиј врв секогаш е поставена етичката компонента – дека со ова вето на Макрон, кое има пошироко значење на сите шест западноевропски држави, ЕУ го губи кредибилитетот на нејзините политики и ги прави ветувањата бесмислени. На микро ниво во Македонија тоа се гледаше со нападното јавно дистанцирање на амбасадорите на членките на ЕУ од изјавите на францускиот амбасадор. На таа микро сцена се загуби лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој во интервју за загрепски „Вечерњи лист“ изјави дека „Заев му даде аргументи на Макрон да ја блокира Македонија“ и во кое тој се обидуваше да го коригира новинарот кога го праша: „Зошто Макрон ги блокираше пристапните преговори?“. Мицкоски го почна одговорот на тоа прашањe вака: „Прво, морам да ве поправам: сметам дека ова не беше еднострана одлука на претседателот Макрон, туку дека со него беа уште неколку земји-членки кои имаат аргументи за одлуката која ја донесоа. Она што го знам е дека тие сигурно имаат информации за случајот на рекетирањето и сеприсутната корупција“. Подоцна, кога Макрон во интервјуто за „Економист“ објави дека само тој бил против датумот за Македонија, Мицкоски ја разбра големината на штетата кој сам ѝ ја нанесе на партијата, па по објавувањето на францускиот нон-пејпер оценката беше во рамките на коректноста, велејќи дека допрва треба да се уреди суштината по дебатата во ЕУ за да се знае каков ќе биде процесот за зачленување во Унијата, посебно нагласувајќи ја реверзибилноста.

Тактичка грешка

Според оценките на функционери во ЕУ овој француски нон-пејпер изгледа како да бил подготвен набрзина, затоа што многу работи од него веќе се наоѓаат во сегашниот процес на преговори за членство и повеќе личи на обид како да се намали штетата од тактичката грешка по која Макрон беше изложен на остри критики. Париз изгледа не разбра доволно дека прво требаше да понуди нешто ново пред да стави вето. Настаните од оваа недела уште еднаш ја покажаа изолираноста на Франција во ЕУ кога се работи за проширувањето. Во понеделникот шест земји на ЕУ му испратија писмо на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во кое побараа преговорите со Македонија и Албанија да почнат во март следната година. Ова писмо го потпишаа министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка, Полска, Словачка, Италија и Словенија. Многу симптоматично е што меѓу потписниците не е и Унгарија, не само како дел на Вишеградската група, туку и како земја која самата себеси се претставува како предводник на проширувањето кон Балканот. Особено што веќе беше поминато именувањето на Оливер Вархелји за нов комесар за проширување во Европскиот парламент, па немаше никаков страв за владата во Будимпешта. Но очигледно интересите на Виктор Орбан еволуираат или се пренасочуваат. Кои се интересите на Орбан да се исклучи од Вишеградската група токму на прашањето за проширувањето засега е нејасно, но извесно е дека не сака да ја испушти од рака неочекуваната наклоност на Макрон.

Ова писмо на шесте држави има капацитет да ја продлабочи поделбата во ЕУ околу работата која е екстремно важна за кредибилитетот и визиите на Унијата – проширувањето. Писмото ги поддржува реформите на процедурите во преговорите, но бара да се одреди краен рок за тоа. Како што рече австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг, пред почетокот на Министерскиот совет во вторникот: „Ние сме подготвени за реформа на процесот на проширување на ЕУ, но тоа не смее да води до тактика на одложување што се однесува на Северна Македонија и Албанија. Ние сакаме да бидеме сигурни дека следната година ќе има зелено светло за отворањето пристапни преговори“. Потписниците на писмото повикаа Европската комисија да излезе со предлози до 20 јануари. Што е најинтересно, во писмото не се ни споменува францускиот предлог кој беше објавен три дена порано. „Ова е знак на мир, но не и поддршка“, изјави дипломат на една од земјите потписнички.

Гледајќи дека работата бега од контрола, француската министерка за европски работи, Амели де Моншален, на некој начин се обиде да го преземе барањето од писмото за краен рок и изјави дека на „оваа декларација на политички принципи“ Комисијата треба да работи до 20 јануари. Во исто време германското министерство за надворешни работи соопшти дека се отворени да разговараат за подобрување на процедурите за проширување, но „тоа не го одложува започнувањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија“.

Во оваа политичка драма единствените аплаузи за Макрон дојдоа од најнеочекуваното место – од Русија. Владимир Чижов, руски амбасадор во ЕУ уште од 2005 година, се најде повикан да ги објаснува работите на Унијата и да оценува кој е, а кој не е подготвен да стане дел од блокот, па во интервју го изјави ова: „Претседателот Макрон има право кога вели дека ЕУ треба да се занимава со своите внатрешни работи пред да се проширува. Се разбира, објективно зборувајќи, да се каже дека Северна Македонија, а посебно Албанија, се подготвени за членство би било големо претерување – со сиот респект кон овие две земји“.

Чижов веројатно ги имаше на ум зборовите што Макрон ги кажа во долгиот говор на конференцијата на француските амбасадори кон крајот на август. „Мислам дека туркањето на Русија подалеку од Европа е голема стратешка грешка, затоа што ние ја туркаме или кон изолација, што ги засилува тензиите, или кон сојузи со други големи сили, како што е Кина, што воопшто не би било во наш интерес. Во исто време, мора да се каже дека нашите односи се засноваа на недоверба, постојат документирани причини за тоа. Сведоци сме на сајбер-напади, дестабилизација на демократиите и руски проект кој е длабоко конзервативен и се спротивставува на проектот на ЕУ… Потребно е да се создаде нова врска со Русија“.

Која е главната цел

Многу важни европски дипломати тврдат дека главната цел на Москва не е да се запре проширувањето на НАТО (бидејќи тука не може ништо да стори против робустните американски интереси и моќ), туку да го спречи вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ. Тогаш на разни начини ќе може да го поткопува европскиот проект. Францускиот предлог за новата методологија за преговори дојде како идеална алатка за Москва, затоа што тој ќе ги опфати и Србија и Црна Гора (кои веќе преговараат повеќе години) и проширувањето може да се оддолговлечи до бескрај. За руските интереси, кои претпочитаат постојано дестабилизиран регион, кој повеќе е наклонет кон автократија отколку кон демократија, тоа би било идеална ситуација.

Претседателската на Естонија, Керсти Калјулаид, за „Фајненшел тајмс“ предупреди дека ќе биде „морално неприфатливо“ за нејзината земја (која е во ЕУ од 2004 година) да ја прифати ситуацијата кога „автобусот на ЕУ ги затвора вратите и си заминува“ оставајќи ги кандидатите за членство. Речиси за сите тоа изгледа морално неприфатливо, освен можеби за Париз. Многу дипломати го оценуваат францускиот нон-пејпер како задача во седум фази што тешко може да се оствари. Поставувањето на најтешките услови, како владеењето на правото и основните права во првата фаза и особено екологијата во втората (со неа тешко се справуваат и членките на ЕУ) значи дека преговорите можат да траат со децении. Бидејќи условот да се премине од фаза во фаза е да се заврши претходната и за тоа како награда да се добие пристап кон структурните фондови на Унијата.

„Фајненшел тајмс“ ја пренесува загриженоста на еден дипломат во Брисел: „Големото прашање е – дали Франција е сериозна околу реформирање на процесот за пристапување кон ЕУ или се обидува да го одложи и најпосле да го блокира проширувањето на Унијата? Францускиот предлог повикува на тешки и едвај достижни реформи на самиот почеток на процесот, а за возврат нуди мали награди. Тешко е да се види како ова може да ги охрабри реформите или реформаторите во Западен Балкан“. Многумина мислат дека блокирањето на проширувањето е вистинската намера на Франција. Без оглед што во нон-пејперот помпезно се нагласува европската иднина на западнобалканските земји.

За изневеренета Македонија најголем проблем е што силата која можеше да ги оствари ветувањата – Германија – ја губи тежината чекајќи ја транзицијата на Ангела Меркел. Канцеларката најави дека нема да бара нов мандат на изборите во 2021 година и тоа ја стави Германија и Европа во фаза на исчекување. Меркел тоа го забележува, гледајќи како Макрон сака да го пополни нејзиното место со бонапартистички амбиции, но како да не се обидува да ја користи моќта што ја има.

Нам често ни изгледа дека работите едноставно се вклопиле против нашите интереси. Но не е така. Ние ги пропуштивме шансите кои ни беа на маса најмалку 10 години поради политичката дивина на овдешните елити. (Брзата лента за членството во НАТО е фасцинантен доказ колку не успеавме или не знаевме да се видиме во времето.) Тоа нема многу да ни помогне во оваа ситуација, но можеби ќе биде поука да ги препознаваме лажните проповедници. Можеби.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.