Француска експертка: Загадувањето може да се реши во интервал од 15 години

649

За справување со предизвиците со урбанизмот и загадувањето на еден град потребно е добро втемелена визија, ефикасна администрација и време. Работите не можат да се решат од денес за утре, туку зборуваме за подолг период, како што е една генерација, вели Мишел Лари-Шарлис, директорка на Бордо Метропола 2050 во интервју за МИА.

– За да се справите со проблемите на градот потребно е, пред сѐ, да ја запознаете територијата. Градските избраници многу често мислат дека го познаваат теренот, но само откако добро ќе го запознаете може да изградите политичка визија и врз нејзина основа да креирате политики кои што понатаму ќе се имплементираат. Само врз таа основа може да создадете проект. Следна работа е аминистрацијата ефикасно да го спроведе, а тоа не често е така. Важно е и да се слушне гласот на граѓаните за визијата за развој на градот што ја има еден градоначалник. Во секој случај потребно е време. Работите не можат да се сменат од денес за утре. Зборуваме за подолг период. Една генерација може да го смени градот – вели Лари-Шарлис, која денеска ќе учествува на еднодневниот семинар „Скопје наспроти предизвиците на животната средина“, во организација на Францускиот институт во Скопје.

Според неа, за четири години не може да се сменат состојбите во градот, а мандатот на еден градоначалник е кус.

– Промените можат да настапат во интервал од 15 години. Проблемот е што додека е тој градоначалник сѐ е во ред, но кога доаѓа следниот постои ризик да ги изнегира сите политики кои што ги направил претходникот и тука е во суштина проблемот. Треба и следниот градоначалник да ги продолжи – вели Лари – Шарлис.

Таа е еден од експертите што ќе учествуваат на семинарот на кој ќе стане збор за проблемите на Скопје, кој како главен град страда од вообичаените проблеми за големите градови: големо загадување во зимскиот период, густ сообраќај, непрекинато никнување на нови градби, ширење на градот, недоволно присуство на обновливи извори на енергија, односно како да се изгради град на утрешнината.

Во интервјуто за МИА француската експертка зборува и за искуствата во решавањето на проблемите со сообраќајот, загадувањето, урбанизмот на Бордо, град со 800.000 жители кој годишно го посетуваат шест милиони туристи, и е прв во Франција по бројот на велосипеди.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...