Франција го потпиша протоколот за НАТО, советува да почнат реформи

858

Франција го потпиша протоколот за НАТО и се радува што ќе бидеме сојузници во рамките на Северноатлантската Алијанса.

Што се однесува до ЕУ пристапните преговори со Северна Македонија ќе се отворат откако земјата ќе ги исполни сите критериуми. Европската Унија пак, од своја страна, ќе треба прво да ги реализира неопходните реформи за нејзино реформирање пред да се случи ново проширување, вели во интервју за МИА француската министерка за европски прашања Натали Лоазо.

– Франција отсекогаш ја поддржувала Република Северна Македонија, а сега посакува повеќе од кога и да било да ја види зајакната и интегрирана во регион на мир и на развој. Последните две години Скопје направи извонреден напредок за регионалното помирување и благодарение на храбрите одлуки за кои знаеме дека беа болни, се надмина историскиот спор со Грција. Оваа храбра одлука, Договорот од Преспа, овозможи да се потпише протоколот за членство во НАТО и претставува огромен напредок за безбедноста на Северна Македонија. Франција го потпиша истиот и се радува што ќе бидеме сојузници во рамките на Северноатлантската Алијанса. Што се однесува до приближувањето на Северна Македонија кон Европската Унија: пристапните преговори ќе се отворат откако Северна Македонија ќе ги исполни сите критериуми. Европската Унија пак, од своја страна, ќе треба прво да ги реализира неопходните реформи за нејзино реформирање пред да се случи ново проширување – нагласува министерката Лоазо.

Во пресрет на нејзината посета на Скопје, запрашана дали успешната реализација на Преспанскиот договор ќе биде доволна да ги започнеме преговорите со Европската унија, Лоазо е децидна дека приближувањето кон ЕУ наложува други критериуми, но и додава дека за тоа прашање ќе се разговара на самитот на ЕУ во јуни кога се очекува ЕК да го објави извештајот за земјата.

Таа посакува ратификацијата на Пристапниот протокол за НАТО да се случи што поскоро, но тоа, вели, зависи од Парламентот на Франција.

– Посакуваме ратификувањето да се случи колку што е можно побрзо и за таа тема сме во контакт со француското Собрание. Воопшто не е едноставно имајќи го во предвид големиот број на внатрешни реформи за кои ние во моментот дискутираме и се на дневен ред. Во текот на посетата ме придружуваат двајца пратеници кои се пријатели на вашата земја и убедена сум дека тие ќе ги најдат соодветните аргументи да ги убедат своите колеги дека Република Северна Македонија заслужува да го добие тој знак на охрабрување и пријателство од наша страна, нагласува француската министерка.

Во делот на реформите, Лоазо најавува дека во следниот период ќе продолжи француската поддршка за Академијата за судии и јавни обвинители, за постигнување на ефикасна и независна администрација, а меѓу другото посакуваат зголемување на активностите на РИКО, организација основана со поддршка на Франција и на Германија на самитот во Париз за Западен Балкан во 2016 година, која предвидува реализација на проекти и движење на младите во регионот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...