Според полициската истрага, бремената Елиса Пиларски (29) била убиена од кучиња за време на организиран лов на елени во шума во северна Франција. На нејзиното тело се утврдени неколку фатални каснувања на горните и долните екстремитети и на главата.
Полицијата тестирала 93 кучиња и отворила истрага за убиство. Тестовите ќе се споредат со примероците на ДНК земени од телото на Елиса Пиларски за да се утврди кои животни ја нападнале и ја изгризале до смрт.
Тестирани се и петте кучиња кои припаѓаат на убиената бремена жена, која била во шести месец на бременост.
Елиса пред да биде изгризана до смрт во саботата, му пратила порака на телефон на нејзиниот партнер изразувајќи загриженост дека може да биде нападната од чопор кучиња. Тој, кога видел дека Елиза не се вратила, се упатил кон шеталиштето каде го пронашол нејзиното тело. Тој, наводно, ги следел вознемирените крици на нејзините кучиња.
Младата двојка живеела во куќа близу шумата, а откако е пронајдено безживотно тело, партнерот на Елиса побарал помош од сосед, кој повикал полиција.
Чопорот кучиња ловеле елени во истата шума во саботата, пренесува Ле Куриер Пикард.
Ангела Ван Ден Берг, која го организирала ловот , потврди дека бил организиран во шумата во саботата, но, смета дека трагичниот настан немал никаква врска со нивните кучиња или ловот.
Француската актерка Брижит Бардо, истакната активистка за правата на животните, ги повика француските власти да ги укинат сите дозволи за лов оваа сезона што е можно поскоро. Француското ловечко здружение инсистира на тоа дека нема докази дека ловечките кучиња се одговорни за смртта на бремената жена.