Поддршката на „Нон пејперот” на скоро една петина од државите членки на ЕУ (Франција, Холандија, Белгија, Данска и Лукембург), укажува дека граѓаните на Република Македонија мора сериозно да бидат загрижени за евроатланската иднина на сопствената држава, наспроти розовата слика која сака да ни ја претстави Владата на Зоран Заев, реагира ВМРО ДПМНЕ- Демократска фракција.
– Актуелната влада исто како и владата на Груевски се служи со манипулации и замена на тези. Премиерот Заев и неговата влада мора да знаат дека поддршката од мнозинството членки на ЕУ, е сепак помалку од потребниот консензус на сите држави членки на ЕУ за отпочнување на преговорите за членство – соопшти партијата.
Од таму велат дека по објавувањето на ,,Нон пејперот” станува јасно дека позитивниот Извештај на ЕК од пред неколку недели е само политички инструмент и средство за мотивција со кој и се даде дополнителна шанса на Владата на РМ да го стори тоа што мора да го стори. Реформи и реформи.
– Сега на сите им станува јасно дека голата замена на власта на едни со други и промената во општата атмосфера во државата, не довеле до суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Отсуствуваат клучните реформи во правосудството, деполитизација на јавната администрација и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. А за тоа се потребни квалитетни и чесни личности во извршната власт, а не шарени шминкери и манекени, партиски мешетари и недоквалификувани кадри и лица од црните листи. Господине премиере!. Наместо постојано да ширите нереален оптимизам во врска со изнаоѓање на решение за спорот со нашиот јужен сосед како единствен услов за влез во ЕУ, Ви препорачуваме максимално да се посветите на внатрешните проблеми и клучните реформски зафати. Само со подигање на животниот стандард на граѓаните, со еднаквост на сите пред законите и без селективна правда, со администрација како сервис на граѓаните и со дебели казни за сторителите на криминалот и корупцијата, ќе станеме европејци и ќе почуствуваме дека конечно дојде ,,живот”. Во спротивно на добар пат сте да го изодите истиот пат како и Вашиот претходник Груевски – стои во соопштението.
Тие порачуваат дека граѓаните не се со кратко паметење и знаат да казнуваат о дека сега на казната за неспособноста да се решат клучните прашања, нема да се чека цели единаесет години.