Четириесетгодишник со кодно име Медо, со кого стапила во контакт уредничката Мери Јордановска од порталот А1.он, бил администраторот на опасната група „Јавна соба“, на која, преку апликацијата Телеграм, се споделуваат порнографски видеа и фотографии од девојки од Македонија, а дел од нив се малолетни.
А1.он пренесува тврдење на Медо, според кое тој и група администратори сакале да направат група со видеа и забавни клипови, кои во ниту еден случај не требало да содржат порнографија. Наводно, било нагласено дека затворената група е за членови кои имаат над 18 години, но таа сепак таа станала вирална и им се отргнала од контрола. Во паника, свесен дека се крши законот, Медо ги избришал сите администратори, но членоивите на групата ја презеле контролата и таа се уште постои.
По вревата што се крена во текот на викендот во јавноста, како што јавуваат медиумите, групата „Јавна соба“ е намалена од 7.400 на нешто над 4.000 членови, но она што е страшно е што сега, освен порнографски содржини, таму се споделуваат и фотографии и искуства од користење различни наркотици.
Експерт за интернет за Плусинфо потврдува дека ќе биде извонредно тешко да се затвори оваа група, затоа што нејзините членови релативно лесно можат да ја пренесуваат од една на друга платформа, врз кои македонските власти немаат влијание.
– Искрено, не верувам дека МВР или некој друг може да заврши голема работа. Постојат платформи и апликации кои се надвор од контролата на нашите власти и се тешки за следење. Впрочем, многу наши познати личности ја користат апликацијата Телеграм имено за да ги заштитат своите комуникации од следење или од било каква контрола – вели изворот на Плусинфо.
Очигледно, единственото решение е во развивањето на свесноста за опасностите што ги носи интернетот, но и пропишување најстроги казнени мерки за било каков облик на компјутерски криминал, а посебно за пробивање на лични податоци и нивно изложување во јавноста.
– Родители, колку и да звучи ова што ви го порачувам конзервативно и назадно, максимално потрудете се вашите деца да не постираат фотографии и други лични податоци на апликациите на интернет. Зашто, кога ќе се случи ваква опасна хаварија, последиците можат да бидат страшни токму за нив – вели нашиот извор.
Фотографија: pixabay.com