Формирано национално координативно тело за недискриминација

91

Националното координативно тело (НКТ) за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област ја одржа конститутивната седница.

Во својство на координатор, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, се обрати министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која нагласи дека во работата на ова тело сечие мислење ќе биде ценето, а конструктивните критики кои ќе дадат придонес во унапредување на состојбите се добредојдени.

– Потребата од формирање на посебно тело за координација и следење на состојбите со недискриминација е пред се заради подигнување на транспаретноста во работењето на државните институции во оваа област, координација на активностите меѓу институциите и организациите (здруженија на граѓани и меѓународни организации), заедничко воспоставување на приоритети на годишно ниво во оваа област врз основа на меѓународни и други извештаи и анализи, како и континуирано следење на состојбите во оваа област и заедничко предлагање на мерки за подобрување на состојбите – се наведува во соопштението.

Во работата на НКТ за недискриминација учествуват 36 претставници на министерства и други државни институции, граѓански и меѓународни организации, синдикати и институти.

Формирањето на ова тело е во насока на спроведувањето на Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 и Стратегијата за еднаквост и недискриминација 2016-2020, со што ќе се постигне подобра координација и ефикасност на механизмите за спречување и заштита од дискриминација, а со цел градење на еднакво општество за сите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...