Во писмо испратено попладнево до земјите членки на ЕУ, сегашниот претседател на Европскиот Совет, Доналд Туск, новоименуваната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, и претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, бараат отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија.
Тие потсетуваат дека земјите членки се заложија во јуни да се навратат на прашањето и да донесат суштинска одлука во октомври по ова прашање.
„Европската Унија стои пред стратешки избор. Одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија е тест за способноста на Унијата да ги испорача своите ветувања и да гледа кон иднината“, пишуваат тројцата европски челници.
Писмото до земјите членки се осврнува на улогата која ЕУ треба да ја одигра на глобалната сцена како и во заштитата на сопствените интереси. Во тој контекст, пишуваат тие, треба ЕУ да преземе чекор кон оние земји кои се заинтересирани за членство во ЕУ и кои ги исполниле критериумите за отпочнување на преговарачкиот процес.
„Северна Македонија и Албанија го направија тоа што го побаравме од нив. Исполнувањето бараше значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и одлучност“, пишуваат Туск, фон дер Лејн и Сасоли.
Тие признаваат дека нема гаранција за успех во преговарачкиот процес и дека голем реформски напор ќе биде потребен за овие земји да станат полноправни членки. Паралелно, се истакнува во писмото, внатрешната реформа на ЕУ ќе треба да се продлабочува.
„Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со двете земји“, стои во писмото.
Одлуката за почеток на преговори за Албанија и Македонија ЕУ треба да ја донесе на 15 октомври.