Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оцени дека со усвојувањето на новата методологија на процесот на пристапување во ЕУ е испратена добра порака до Западен Балкан.
„Добра порака за нашите пријатели на Западен Балкан за процесот на проширување на ЕУ. Денес Европската комисија предлага веродостоен и динамичен план што ќе го постави патот за отворање преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија“, напиша претседателката на ЕК на својот Твитер профил.
Таа додаде дека проширувањето на ЕУ е „вин-вин“ ситуација.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска во Брисел ја презентираше новата преговарачка методологија за земјите кандидати пред новинарите и пред европратениците.
– Сакаме да ја вратиме кредибилноста на ЕУ перспективата за западниот Балкан, врвен приоритет е да имаме стабилност, мир и просперитет во регионот – рече еврокомесарот Вархеји.