Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен веднаш по изборот на составот на Комисијата од страна на Европскиот парламент, пред новинарите изјави дека Северна Македонија и Албанија заслужија да започнат со преговори, јавува дописникот на МИА.
– Целосно сум убедена дека е во наш стратешки интерес да ги приклучиме земјите од Западен Балкан кон Европската Унија. Северна Македонија и Албанија заслужуваат да ги започнат преговорите. Ние побаравме многу од овие земји. Сега треба да се убедат сите во Советот на ЕУ- рече претседателката на ЕК.
Според неа, легитимно е Советот да поставува прашање за процесот на проширувањето, но оти за двете земји новите правила не треба да важат.
– Го поздравувам тоа што процедурите за проширување се ставени на масата. Тоа е право на Советот. Но, за Северна Македонија и Албанија, од кои побаравме длабоко да се реформираат и трансформираат, заслужуваат да не ги менуваме правилата кои им ги дадовме претходно – рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.