Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии на студенти

Деканките на двата факултета, Светлана Кулеванова од Фармацевтскиот факултет и Соња Топузовска од Медицинскиот факултет, се заблагодарија за поддршката и изразија надеж дека доделените стипендии ќе бидат стимул за студентите да го задржат успехот и да ја започнат својата кариера во „Алкалоид“.

140

Четириесет стипендии на студенти од Медицинскиот и од Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ додели годинава Фондацијата „Трајче Мукаетов“. Од нив 12 студенти се на Фармацевтскиот факултет, а 28 од Медицинскиот.

Фондацијата додели и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет при УКИМ во висина од 1.200 евра во денарска противвредност. Годинава, ваквата награда добија Филип Илиевски од Фармацевтскиот факултет со просек 9,78 и Марија Тодоровска од Медицинскиот факултет со просек од 9,83. Двајцата се досегашни стипендисти на Фондацијата.

– Во насока на исполнувањето на начелата за општествена одговорност, работењето на Фондацијата, за компанијата „Алкалоид“ и за мене лично претставува особена гордост. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти, се надевам дека ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација. Како компанија, особено сме горди што во изминативе 11 години имаме вложено повеќе од 1,35 милиони евра во стипендирање на идни лекари и фармацевти. За 9 години дониравме повеќе од 24.000 евра за награди на првенците на генерациите на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет при УКИМ, а преку хуманитарните настани организирани под закрила на Фондацијата во изминативе 8 години дониравме околу 115.000 евра – рече Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид АД“ Скопје.

Почнувајќи од 2007/08 година, Фондацијата стипендираше вкупно 458 студенти по фармација и по медицина, вклучувајќи ги и овие 40 од годинава. Од нив, 185 студенти по фармација и 160 по медицина се веќе дипломирани.

Деканките на двата факултета, Светлана Кулеванова од Фармацевтскиот факултет и Соња Топузовска од Медицинскиот факултет, се заблагодарија за поддршката и изразија надеж дека доделените стипендии ќе бидат стимул за студентите да го задржат успехот и да ја започнат својата кариера во „Алкалоид“.

Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид“ во одделите на сегментот Фармација ја започнале 69 стипендирани студенти од Фондацијата, од кои 64 од Фармацевтскиот факултет и 5 студенти од Медицинскиот. Стипендијата изнесува 6.500 денари нето во текот на 12 месеци.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје во мај 2007 година. Целта на Фондацијата е стипендирање, донирање и финансирање талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области. Досегашните проекти претставуваат доказ за остварување на заложбите на Фондацијата за поддршка на фармацијата, медицината и науката, пред сѐ, преку поддржување млади и амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на овие дејности.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...