Фифти-фифти телефонска афера

Во Јавното обвинителство уште пролетоска нашле два хард-диска на кои, никој не знае зошто и со чија наредба, се снимани сите локални телефонски разговори во зградата на Обвинителството – па, зошто сега, зимоска, ни се соопштува таа спектакуларна вест, дека се води и предистрага за тоа откритие, ако до сега ни на информативен разговор не се поканети некакви, некои луѓе?!

3922

Во оваа земја сите станавме експерти за проблематиката за прислушување телефони. Мислам дека нема друга држава во светот во која, на квадратен километар, по глава на жител, од година на раѓање, имало повеќе афери за прислушување, од оваа наша Северна Македонија.

Со таа експертиза зад себе, си дозволувам да изјавам дека последниов телефонски скандал, соопштен речиси на станување на прес-брифинг од страна на државниот јавен обвинител, мене ми изгледа, така, малку фиши-фиши… Дал е ова нова афера? Дал е уште еден телефонски заговор против независноста на обвинителите и судиите? Или некој, сепак, не го дочитал до крај упатството за употреба на телефонската централа!?

Прво, ако успеав добро да сфатам, во Јавното обвинителство уште пролетоска нашле два хард-диска на кои, никој не знае зошто и со чија наредба, се снимани сите локални телефонски разговори во зградата на Обвинителството – па, зошто сега, зимоска, ни се соопштува таа спектакуларна вест, дека се води и предистрага за тоа откритие, ако до сега ни на информативен разговор не се поканети некакви, некои луѓе?! Или на обвинителиве им прејде во навика да ги предупредуваат потенцијално осомничените во петок дека од понеделник може некој да биде повикан на распит, за да им се даде цел викенд да заминат за Огнената земја или во Того, со карта во еден правец?!

Второ, премиерот, кој изгледа уште како мал има голтнато нога од кокошка, кога го бањале во казанот на Астерикс со магичната течност за храброст и издржливост, во свој стил ја дополни информацијата со викендашки бонус-податок дека не е само Обвинителството во кое се снимани разговорите, туку истата практика е правена и во Скопска Единица…

На тоа, трето, Партијата која што се гордее со својот почесен криминален претседател кој е во бегство, превентивно, фати да докажува дека откриените хард-дискови снимале (од 2016 г.) во период кога технички предизборен министер во МВР бил тогашниот и сегашниот претставник на СДСМ, што значи дека мора да е сегашната власт организаторот на снимањето и евентуалниот корисник на податоците од снимките… Како северно-македонската јавност да е падната од Марс, па заборавила, веројатно заради потресот на мозок од ударот со глава при паѓањето од Марс, дека најголемиот лиценциран илегален телефонски оператор во земјава се вика ВМРО-ДПМНЕ во чие време (2013) е вселувана и телефонски опремувана барокната ротонда на Обвинителството, кога таа си мислеше дека со контрола на комуникациите на секој полнолетен граѓанин во земјава партијата-оператор ќе остане на власт 100 години?!

Дури, четврто, и човекот за кого се плетат легенди дека испарил во вид на македонска правна пареа, а кој се отповикува на името Марко Зврлевски и кој е во мртва трка со Јово „Превара“ и со Михајло Маневски за освојување на престижната де-национална награда „Најголеми неказнети правни штетници на 21 век“, изјави дека тој поим нема за што се работи, општо, за животот, и посебно, за неговите телефонски приклученија.

На сето тоа, петто, се јави тогашниот технички, а сегашниот политички министер во МВР, кој уредно им соопшти на илегалните телефонски оператори дека ќе си се спроведе истрага до крај, која ќе открие кој, точно, стои зад ова замешателство. Доколку се испостави дека има замешателство, оти упатствата на телефонските централи допрва ќе се читаат во детали.

И така. Ни ден без афера. Оваа, мене ако ме прашувате, е фифти-фифти афера, бидејќи ми изгледа малку бајата, а на брзина соопштена, недопечена-препечена…

Ако. Мора и ние од медиумите од нешто да живееме!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...