Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино е против идејата на раководството на шпанската Примера еден натпревар да се игра на територијата на САД.
– За да се случи такво нешто треба да се запазат одредени процедури. Зелено светло треба да дадат ФИФА, УЕФА, КОНКАКАФ и Фудбалскиот сојуз на САД. Доколку оваа идеја се оствари, тогаш тоа би предизвикало домино ефект и со останатите лиги во Европа – изјави Инфантино.
Против идејата меч од Шпанското фудбалско првенство, најверојатно дербито Реал Мадрид – Барселона, да се игра во САД, се изјаснија и претставниците на тамошното Здружение на играчи.
– Не се секогаш важни парите. Треба да се мисли и на здравјето на фудбалерите, се огласи неодамна Здружението.
Се очекува реакцијата на раководството на шпанската лига дали и понатаму ќе инсистира на идејата да се игра натпревар од Примера на американскиот континент.