Фити: Не е лесно да се промени името, но мораме да знаеме по кој пат треба да се движиме

1014

Постигнатиот договор меѓу Република Македонија и Република Грција по однос на прашањето за името е компромисно решение, со отстапки на кои мораа да се согласат и двете страни, но Македонија нема развојна парспектива надвор од Европската унија и членството во НАТО, оцени денеска во Охрид претседателот на Македонската академија на науки и уметности Таки Фити.

– Ова е компромисно решение што наметнува отстапки и како такво предизвикува незадоволство и кај двете страни. За МАНУ и за сите граѓани на Македонија особено значајно беше да се зачуваат идентитетските прашања. Македонскиот јазик, националноста, нашата култура и традиции и фактот што Грците ја признаваат нашата посебност, посебноста на македонскиот јазик како дел од групата јужнословенски јазици, сметам дека е добро – изјави Фити.

Коментирајќи го договорот за името потпишан денеска во Псарадес, тој потсети дека МАНУ во однос на прашањето за името имала јасни ставови поместени на нејзината интернет-страна, како и оти Академијата учествувала во подготвувањето на аргументацијата околу преговорите на двете страни, особено по оние прашања што се третираа како црвени линии од страна на Грција.

Фити укажа на потребата Македонија да остане доследна на изборот да биде дел од евроатлантските интегративни процеси.

– Сите ние моравме да проголтаме едно горчливо апче, бидејќи не е лесно да ви се промени името, но на крајот на краиштата ние знаеме што сакаме и знаеме по кој пат треба да се движиме. Не можеме да останеме во оваа ситуација – 27 години заробени во однос на евроатлантските интеграции бидејќи Македонија не може и нема своја развојна перспектива надвор од ЕУ. Гледано економски, ЕУ е најголемата економска интеграција во светот со над 500 милиони луѓе, висок доход и пазар со голема апсорпциона моќ. Унијата креира 25 отсто од светскиот бруто доход, учествува со 33 отсто во светската трговија, 30 проценти од сите светски знаења се концентрирани во ЕУ. Македонија со два милиони жители каде ќе ги продава своите производи ако нашиот пат не е кон евроатланстките интеграции и воопшто кон големиот пазар -нагласи Фити.

Тој додаде дека сепак на крај одлуката по однос на договорот ќе ја донесат граѓаните на референдум.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...