Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија не е обичен билатерален, туку договор од посебно значење, зашто јасно ја искажува решеноста на двете држави да градат односи на пријателство, да ги решаваат отворените прашања врз европските стандарди и вредности, како и поради фактот што го отвора патот кон НАТО и ЕУ, изјави претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Таки Фити, на отворањето на заедничката научна конференција со Бугарската академија на науките.
Целта на конференцијата, посочи Фити, е да се афирмира Договорот и низ дебата да се придонесе за осмислување и конкретизирање на формите и содржините на заедничка соработка.
– МАНУ и БАН покажаа дека можеме успешно да соработуваме, дека можеме да дебатираме, се разбира со научни аргументи и факти, како што тоа им е својствено на врвни научни и уметнички институции – рече Фити.
Посочи дека викендов во Охрид е договорено формирање на меѓуакадемиска група составен од по пет членови од двете академии, што ќе се грижи и помага процесот на реализација на обврските кои произлегуваат од Договорот.
Потпретседателот на Бугарската академија на науките Васил Николов, на отворањето, порача дека балканските земји се оптоварени од нивниот нееднаков историски развој и контрадикции, кои често ги ставаат во центарот на светското внимание.
– Затоа треба заедно да бараме можности за надминување на проблемите преку водење на искрен и конструктивен дијалог, во атмосфера на заемна доверба и разбирање. Заедничката работа на научниците од Македонија и Бугарија во изминатите пет години е доказ за ослободеноста од политички и идеолошки зависности во сферата на науката – изјави Николов.
Посочи дека поради заедничките корени и минато, академиите се должни да продолжат со продлабочување и збогатување на заедничката научна активност и да водат достоен и конструктивен дијалог на сите теми.
На конференцијата ќе биде презентирана платформата за соработка меѓу БАН и МАНУ во спроведување на Договорот.
Платформата, освен реализација на заеднички научни, уметнички и културни проекти, поддржува и заеднички публикации, преводи на дела и аплицирање за проекти од национални и европски фондови.