Постапката за јавна набавка за ангажирање на градежна механизација за уривање за на дивоградби е во тек, информира Општина Охрид.
Од таму информираат дека вчера Комисијата за јавни набавки на Општината ги отворила понудите и оти по евалуацијата ако се утврди судир на интереси ќе постапат според законските процедури.
Општината се огласи откако во јавноста излзе информацијата дека фирма на сопственикот на дивоградбата кај Чинарот е во трка на тендер за уривање дивоградби и откако денес Антикорупциската комисија излезе со став дека фирмата на Нефи Усеини не може да учествува на тендерот поради судир на интереси.
– Фирма што е во сопственост на членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини или е во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид – укажуваат од Државната комисија за спречување на корупцијата, во врска со објавениот тендер за избор на фирма која треба ги руши дивоградбите во Охрид.
Од Општината информираат дека постапката за јавна набавка се спроведува согласно Законот за јавните набавки и важечките подзаконски акти, а право да достави понуда има секое заинтересирано физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапката за јавна набавка го нудат предметот на набавка
– Во текот на вчерашниот ден од страна на Комисијата за јавната набавка во Општина Охрид беше извршено отворање на понудите. Следува евалуација на понудите, во која треба да се утврдат способностите на економските оператори и причини за исклучување од постапката. Доколку во текот на евалуацијата на понудите се утврди одреден судир на интереси, ќе се постапки согласно предвидените законски процедури, соопшти Општина Охрид.
Ова може да се толкува дека фирмата на Усеини ќе извиси од трката на тендерот за уривање на дивоградбите во Охрид.
Нефи Усеини, советник на ДУИ и сопственик на пицеријата-дивоградба кај Чинарот во Охрид конкурирал на тендерот за фирма која ќе ги урива охридските дивоградби. Неговата фирма е меѓу двете компании кои доставиле понуди на тендерот за избор на фирма која ќе ги урива дивоградбите во Охрид.