Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, вчера попладне одржа седница, со која претседаваше премиерот Зоран Заев.
На седницата, членовите на Комитетот, се информираа за статусот и напредокот на реформите на безбедносните служби. Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, информираше за интензитетот на активностите и системските решенија преземени за структуирање на новоформираната Агенција (АНБ), следејќи ги критериумите и стандардите на Северноатлантската Алијанса.
Во рамки на седницаta, беа разгледани и начините за воспоставување на безбедносна комуникација со НАТО и беа разгледани можности за обезбедување просторно решение за постојаната мисија на нашата земја како полноправна членка на НАТО.
Во продолжение на седницата, членовите на Комитетот разговараа и за одделни прашања кои се однесуваат на остварување на дадената рамка за продолжување на домашните реформи, како и за текот на досегашната ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, од страна на земјите-членки.