Се испитува потеклото на имотот на експретседателот на државата Ѓорге Иванов, изјави Арафат Муареми, директор на финансиска полиција вогостување во емисијата „24 Отворено“.
Претседателката на антикорупциската комисија Билјана Ивановска посочи дека доколку Антикорупциска утврди дека имотот на одреден функционер се зголемил значително повеќе во однос на неговите примања, може да отвори постапка за испитување на имотната состојба.
-Ние отворивме постапка за испитување на потекото на имотот на поранешниот претседател. Тоа не е едноставна работа и соработуваме не само со финансиска полиција и со многу други институции кои треба да ни обезбедат податоци. Дел од тие податоци се обезбедени и другиот дел од истрагата се води во финансова полиција и додека не се заврши се е во тек – изјави Ивановска.
Муареми рече дека е факт оти имаат законска обврска да соработуваат.
– Од страна на ДКСК има побарано асистенција да се помогне во делот на водење на финансиската истрага и утврдување на точната разлика којашто е од имотот кој е пријавен на легален начин и имотот кој не е пријавен, односно да се утврди делот колку е разликата од непријавените приходи. Управата на финансика полиција е спремна во делот на водење на вакви истраги, но тоа е макотрпна работа и може да трае подолг временски период од тоа што може да се очекува. За истиот случај е известено и ЈО дека водиме таков случај, предмет, заедно и доколку и тие имаат одредени насоки може да ги дадат – изјави Муареми.
Тој посочи дека во оваа фаза на истрагата се бара сѐ и потеклото на парите, од каде се и на кој начин се стекнати и дали становите се стекнати преку компензација.