Може да сте закоравен марксист или антимарксист, ама, изгледа ни во првиот ни во вториот случај не можете да го прескокнете денешниот ден, кога се одбележува двестотиот роденден на Карл Маркс, филозофот што силно, речиси како никој пред него (а и по него) го поттикна вртежот на тркалото на историјата. Тоа, времето, допрва ќе пресудува за местото кое му припаѓа во историјата.
На својот јубилеен роденден, во родниот Трир, Маркс дојде со туристички автобус, еден од петте во градот, на кои е насликан неговиот портрет. Во родната куќа на големиот мислител, бројните туристи, можат да купат помали и поголеми бисти, платнени ташни со текстови од комунистичкиот манифест, тука е и „благородното чоколадо Карл Маркс“ во црвена обвивка – сто грама чинат 4,95 евра…
Од далечната Кина, во која, покрај толкуте милијардери, сé уште Комунистичката партија го има „последниот збор“ пристигна и роденденски подарок на Трир, во вид на споменик на Карл Маркс. Споменикот, заедно со пиедесталот достигнува пет и пол метри е веќе е поставен во средиштето на стариот град. А на него убаво се гледа: решителниот чекор и поглед (кон иднината) на Карл Маркс, кој во левата рака го држи своето капитално дело „Капитал“. Најбројната земја на светот, која речиси 30 години е најуспешна во светот во економскиот развој, не го крие својот пиетет и долг спрема највлијателниот мислител на левицата во историјата.
Човекот што го задолжи човештвото
Поставувањето на споменикот предизвика различни реакции кај самите граѓани на Трир, како и во други германски градови. Пошироко гледано, глорификацијата на Карл Маркс е контроверзна, посебно во земјите што живееле под комунизмот. Од една страна, жртвите на комунизмот и нивните потомци остро реагираат на сѐ што може да личи како на рехабилитација на тоталитаризмот.
Од друга страна, носталгијата за комунизмот уште постои, главно поради социјалната сигурност на работното место во тој период. Покрај тоа, мнозина сметаат дека Марксовите политички идеи не треба да се обвинуваат за она што се случувало во времето на Ленин и за злосторствата на сталинизмот.
Германија е посебен случај, бидејќи била татковина на Маркс и бидејќи била поделена до паѓањето на Берлинскиот ѕид.
Љубителите на сензации најмногу ги скокотна фактот што на свеченото одбележување на Марксовиот јубилеј главен говорник е никој друг, туку претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Портпаролката на Јункер Мина Андреева изјави за euroactiv.com дека претседателот на ЕК, Јункер, од 2003 година почесен граѓанин на Трир, град лоциран на едночасовно возење од Луксембург. Како почесен граѓанин, тој е поканет да ја отвори изложбата за Карл Маркс.
Андреева вели дека Јункер е „мошне свесен за историските факти и чувствителноста“ и додава дека „без оглед како луѓето гледаат на Маркс, никој не може да негира дека Карл Маркс на некој начин ја обликувал историјата“.
„Ако за него не се говори, на некој начин се негира историјата. Во таа смисла претседателот Јункер ја прифати поканата да говори на церемонијата на отворањето на изложбата, заедно со премиерката на локалната влада“, додава Андреева.
Токму Јункеровото политичко „семејство“, Европската народна партија, сакаше да го изедначи нацизмот со комунизмот и се обиде да ја институционализира осудата на обете тоталитарни идеологии. Меѓутоа, во многу западни земји, вклучувајќи ја Германија и посебно Италија, многубројни улици го носат името на Карл Маркс. Очевидно е дека изедначувањето на нацизмот со комунизмот не успева и, со мала помош на Јункер, победи Маркс – пишува бриселскиот портал.
Уште пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, комунизмот, чијшто манифест го пишуваа Маркс и Енгелс, беше во мрачно распаѓање (Ален Бадју), доживеа многу порази, што според иста француска филозофска еминенција, не треба да се сфаќа и како причина за песимизам и дефетизам. Секој негов пораз марксистите го сметаат за привремен. Не е мал бројот на оние што мислат дека марксизмот е „единствена расположива идеја на еманципаторната субјективност“ и дека баучот уште кружи! Некои идеи можат да се негираат, дури и да се жигосуваат, но неумолив е фактот дека денес се одбележува јубилејниот роденден на човекот што го задолжи човештвото со својата работа со своите трудови за ослободувањето на човекот како човек. Марксизмот, како што еднаш запиша стариот југословенски праксисовец Милан Кангрга, не може да се разбере со некое неутрално, безгрижно проучување – тој мора да се живее. Единството на теоријата и практиката е неговиот клучен момент. Самиот живот на Карл Маркс бил живот на борба и пишување.
Најважно дело на синот на адвокатот од Трир, Евреин што преминал во протестантизмот за да ја избегне антисемитската демонстрација, секако е „Капитал“ – книга што се смета за една од највлијателните во модерната историја. Маркс е и (ко)автор на „Комунистичкиот манифест“ што своевремено, небаре како библија, бил задолжително четиво за околу две третини од луѓето на светот. Милиони луѓе на планетава земја со неговото име ја поврзувале надежта во подобрата и поправедната иднина, во слободата и човечкото достоинство.
Семоќен клошар
Едно друго дело на Маркс, Беда на филозофијата, напишано во бегалство, во Белгија, се смета за еден од клучните, темелни моменти на марксизмот. Тоа е создадено во пресвртно време: се наближувала 1848 година, која многу ветувала, а малку остварила. Маркс, заедно со Енгелс, во тие денови бил член на Сојузот на комунистите, една од првите меѓународни радикални организации со седиште во Лондон. По кусиот престој во Париз, средиштето на револуционерните превирања, како и во Германија кога го обновува кусовечниот Новиот рајнски весник, во 1849 година се враќа во Лондон каде што ќе остане до крајот на животот. Таму ќе ги оствари своите најголеми теоретски и политички достигнувања: Првата Интернационала и Капитал. Работата врз првиот том на Капитал ќе потрае со години, што е евидентно сведоштво за тоа дека Маркс во Лондон најсериозно и се посветил на политичката економија. Капитал, пак, според многумина е една од оние книги за која сите имаат свое мислење, но малкумина ја прочитале од корица до корица.
Животот на големиот мислител во Лондон е скуден и мошне тежок: морал постојано да се грижи за тоа дали неговите деца ќе каснат нешто или ќе останат гладни. Живуркал од помошта на своите пријатели, најмногу од Енгелсовата. Наликувал на некаков семоќен клошар, човек кој пишувал дело за кое и самиот знаел дека ќе го растресе целиот свет, а живеел на работ на егзистенцијата.
Карл Маркс умира 1883 година, после својата жена и најстарата ќерка. На погребот му присуствувале само единаесет луѓе, макар што бројот на сите кои му го посетиле гробот по смртта е неизмерно голем. На погребот Фридрих Енгелс рекол дека најголемиот жив мислител на светот престанал да мисли. Но, затоа им дал на многу идни генерации еден цел хоризонт на мислења во кои теоријата може да продолжи. И не само теоријата. Сé уште не е за на буниште единаесеттата теза на Маркс за Фоербах: филозофите само различно го толкувале светот, но се работи за тоа тој да се измени.
Ристо Лазаров