Поранешниот американски амбасадор во Македонија, Филип Рикер, кој од 18. март ќе биде на позиција помошник на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, на својот ФБ – профил објави фотографии од античкиот град Стоби.
Тој на социјалната мрежа се чекирал токму на овој дел од државава и на фотографиите поставил наслов: Дома сум!
Филип Рикер утре ќе се сретне со премиерот Зоран Заев.
Тој е назначен за Цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД и идниот Помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.
Рикер ќе го наследи Вес Мичел, кој неодамна поднесе оставка поради приватни причини, а извесно време ќе биде вршител на должност на оваа функција.
Рикер во моментот е во дипломатска мисија во Штудгарт, во Германија, каде е ангажиран во командата на американските трупи во Европа. На тоа место дојде кон крајот на 2017 година од позиција генерален конзул во Милано. Во кариерата имаше низа функции во Стејт департментот. Тој беше и амбасадор на САД во Македонија од 2008 до 2011 година.