Епидемијата на мали сипаници (морбили) во населбата Радишани од кои се заразени пет деца и еден 30-годишник е трета годинава, после онаа во Дебар кога заболеа 20 лица и општината Сарај каде беа заболени три лица. Дефинитивно ова е знак на губење на колективниот имунитет како резултат на сериозно опаднатиот опфат со вакцини. Не смееме да дозволиме овој тренд на опфат со вакцинација да продолжи, бидејќи тоа значи сериозен ризик од голема епидемија која може да има несогледливи последици за целото население, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот посочи дека на територијата на целата држава во вакциналните пунктови ќе се направи проверка на картоните и врз основа на резултатите ќе биде спроведена вакцинација на децата од една до 13 години. Тој рече дека заразените деца се хоспитализирани, се во стабилна здравствена состојба и нема компликации во нивното лекување.
– Преземавме мерки кои се однесуваат на градинката, на општината Бутел и на територијата на целата наша држава. Градинката е затворена и во неа беше направена дезинфекција. Сите 104 деца кои се запишани во градинката е препорачано да седат дома во период од две недели додека трае инкубацијата. Во вакциналниот пункт во Здравствениот дом ќе бидат проверени сите вакцинални картони на децата и врз основа на податоците кои ќе бидат собрани ќе се спроведе вакцинација на сите деца на возраст од шест месеци до 14 години – истакна Филипче.
Тој нагласи дека формирале работна група од епидемиолози, педијатри, претставници на министерствата за труд и социјална политика и за образование со цел да ја зајакнат регулативата.
– Мора да анализираме повеќе правилници и закони, начинот на кој се спроведуваат и овој систем да го зајакнеме – додаде Филипче.
Доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје на Република Македонија рече дека на децата на возраст од шест месеци до 14 години кои не се вакцинирани ќе им биде пратена покана за вакцинација.
Се очекува 100.000 вакцинални картони да бидат проверени во наредните неколку дена на територија на град Скопје и на територија на државата, за да се спречи ланецот на ширење и брзо да се реагира.