Министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска присуствуваше на свечената академија на Универзитетот „Гоце Делчев“, истакна дека минатиот период имал повеќе средби со матичните лекари, кои имаат повеќе барања упатени до Фондот за здравство.
– Наидовме на силен отпор кај младите лекари во однос на барањето да се препишуваат и запишуваат пациенти на ординации, заради тоа што сметаат дека на тој начин ќе зависат од сопствениците на ординациите и нема да имаат доволно слобода да излезат сами на пазарот, да отворат свои ординации и да соберат свои пациенти. Затоа и размислуваме на некоја хибридна форма на модел таму каде што е навистина голем недостатокот на лекари – изјави Филипче.
Toj нагласи дека во одредени делови во земјата навистина има проблем да се најдат млади лекари што ќе работат на примарно ниво.
Прашан дали грчката компанија „Интеркат“ ја гради новата Клиничка болница во Штип по раскинувањето на договорот од страна на оваа фирма со подизведувачот – штипската фирма „Бетон“, Филипче потврди дека грчката фирма го гради објектот, но не со голем интензитет.
– Ние сме во крајна фаза на потпишување на анексот, со кој таа компанија побара продолжување од една година, за што добивме согласност и од банката, која го финансира овој објект. Се надевам дека во следниот период од две до три недели официјалната постапка ќе ја завршиме и со тоа максимален број на работници ќе излезат и ќе запонат повторно изградбата на објектот – рече Филипче.
Изгардбата на новата Клиничка болница-Штип според новиот анекс на договорот ќе заврши во 2020 година.