Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека се прават напори да се обезбедат средства од буџетот за зголемување на платите на сите здравствени работници од почетокот на наредната година.
– Иницијалниот план беше лекарите – специјалисти да го добијат покачувањето на почетокот на годината, а средниот медицински кадар и останатите вработени во септември, но сега се работи на тоа сите да го добијат зголемувањето од јануари. Знам точно што се случува, зашто континуиро комуницираме и со синдикатот на Клинички центар и со Гранковиот синдикат и со здружението на медицински сестри и техничари. Вчера имаше разговори околу буџетот. Некои работи се финализираат. Правиме напори да ги обезбедиме сите потребни средства и верувам ќе успееме заради тоа што сите здравствени работници заслужуваат да го добијат тоа – рече Филипче на прес – конференција на Клиниката за дигестивна хирургија.
Во врска со врска Законот за здравствена заштита, со кој треба да се реши проблемот со медицинските сестри кои работеле кај концесионерски амбуланти во кои лекарот заминал во пензија, по што сестрите останале без работа, Филипче рече дека е веќе испратен во Собранието.
– Во таа насока ја направивме и измената на Законот, но тоа нема да важи само за нив. Апсолутно, сите доктори, стоматолози и фармацевти кои што работат во приватното здравство сега, со новата измена на Законот, го олеснуваме нивното враќање во јавното здравство, односно без оглас, таму кај што има најголема потреба – посочи Филипче.
Во однос на проблемот со обезбедувањето на Клиничкиот центар, министерот нагласи дека се бара решение заедно со Министерството за одбрана и МВР, за преземање на луѓе кои би можеле тоа да го работат.
– Со државните секретари во двете министерства разговараме која е таа група која што ние може да ја обезбедиме во најкраток рок и тие да бидат присутни како обезбедување. Обидот е да се најдат лица кои може да ги платиме преку буџетот, а да не правиме посебни постапки. Идеално би било да има припадници на МВР, но и тие се соочуват со сериозен дефицит на кадар. Меѓутоа, имаме алтернатива и ако не до крајот на оваа недела, до почетокот на следната точно ќе знаеме и верувам дека ќе ги обезбедиме тие лица за обезбедување. Ќе се распоредат на критичните места, на ургентните центри и местата каде се носат итните случаи – додаде Филипче.
Не се планира ангажирање на агенции за обезбедување бидејќи, проценките покажале дека ќе чини прескапо.
Филипче потврди дека има недостиг од вакцина тетанус, но дека е веќе обезбедена и во текот на следната недела ќе биде доставен до сите установи.
-Стануваше збор за недостаток заради тоа што компанијата не го обезбедила во тој период. Меѓутоа од следниот понеделник и вторник ќе биде дистрибуирана во сите амбуланти и болници каде се дава – рече министерот Филипче.