Министерот за здравство Венко Филипче и претседателката на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза Ана Карајанова – Димитрушева денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел обезбедување соодветна здравствена заштита на пациентите со мултипла склероза (МС).
Соработката е во насока на вложување на напори за обезбедување дијагностика и достапност на третман кои би ја спречиле прогресијата на болеста, а кои се во согласност со водичите и протоколите на Македонија, како и директни заложби и придонес во областа на здравството кој би резултирал пациентите со МС непречено да се интегрираат во општествениот живот и да се остварат како рамноправни, образовани, работоспособни и семејни граѓани.
Филипче во своето обраќање потенцираше дека Министерството за здравство посветено работи на унапредување на грижата за пациентите со мултипла склероза.
– Оваа година повеќекратно го зголемивме бројот на пациенти кои се на третман со иновативната терапија Ocrelizumab, и тоа од 9 пациенти кои минатата година беа на третман со оваа терапија, сега истата ја примаат вкупно 43 пациенти со оваа дијагноза. Особено е важно што со примањето на иновативните лекови може да се контролира прогресијата на болеста. Исто така, од оваа година Универзитетската клиника за неврологија добива поголем условен буџет од Фондот, наменет токму за лекови за мултипла склероза. За првпат во јавното здравство обезбедена е и посебна просторија каде овие пациенти со соодветен медицински надзор ја примаат инфузионата терапија. Нашите заложби за подобро здравје за сите пациенти продолжуваат и во иднина – изјави министерот Филипче.
Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза денеска премиерно го прикажа првиот краткометражен филм за мултипла склероза насловен „Роденденски подарок“, кој претставува прв успешно реализиран проект на Националното здружение за МС и Факултетот за драмски уметности во Скопје. Во филмот вешто е отсликана реалноста и здравствените и социјалните предизвици со кои се соочуваат лицата со МС.
Филипче упати честитки за сработеното до Факултетот за драмски уметности во Скопје, како и до Националното здружение за мултипла склероза, кој е постојан партнер во грижата за оваа категорија пациенти.
Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем.