Дисперзијата на бројот на зависници од Центарот во Кисела Вода во повеќе пунктови во градот каде ќе ја земаат терапијата, воопшто не значи преселување на тој проблем на повеќе места, туку целосно решавање на сите проблеми кои се однесуваат на ваквиот тип терапија и начинот на лекување на овие пациенти.
Ова денеска на прес-конференција во Владата го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека проблемот е таков заради тоа што огромен број пациенти се концентрирани на едно место и дека со дисперзијата нема да има проблематични случаи, ниту проблем за жителите, затоа што пациентите ќе ја примаат терапијата пред лекар, за што, како што појасни, било укажано и на неодамнешната негова средба со неколку градоначалници, здруженија на граѓани и претставници на општини.
– Повеќе пациенти на повеќе места значи дека прво терапијата ќе ја примаат пред лекарот и нема да има можност за злоупотреба, нема да има потреба да доаѓаат секој ден, туку на два или три дена. Ќе овозможиме и соодветна психолошка поддршка заедно со експертите од Психијатриската болница, кои се вклучени во овој процес на лекување – рече Филипче и додаде дека се планира вработување нови кадри кои значајно ќе ги зајакнат тимовите во сите институции.